Достапни линкови

Гоце Наумов со четврта монографија - „Неолитски фигурини во Македонија“


„Неолитски фигурини во Македонија“ е насловена четвртата монографија на д-р Гоце Наумов, што беше публикувана деновиве од издавачката куќа „Магор“ од Скопје. Во овој истражувачки труд се приложени различни анализи и согледувања за улогата на неолитските фигурини во првите земјоделски општества во овој дел од Балканот, со што е акцентирано нивното исклучително значење во социјалните и симболичките процеси карактеристични за заедниците кои го населувале регионот пред околу осум илјади години.

Подготвувана во изминативе шест години, „Неолитски фигурини во Македонија“ е четвртата по ред монографија д-р Гоце Наумов во којашто се презентирани сите досега познати минијатурни претстави на човечкото тело пронајдени на повеќе локалитети датирани околу шестиот милениум п.н.е.

Мислам дека успеав да најдам доволно материјал кој ќе може сега да ми даде многу поточни податоци за тоа зошто ги правеле фигурините, какви биле фигурините, кој е нивниот т.н живот што тие го имале во неолитското општество.
Гоце Наумов, археолог.

Говорејќи за трудот, тој појаснува дека фигурините ги обработувал во повеќе музеи и со сознанијата од претходните потраги што веќе биле вклучени во публикациите можел да има многу потемелен увид во начинот на кој тие биле произведувани и врз некои нивни општи обележја.

Гоце Наумов.
Гоце Наумов.

„Мислам дека успеав да најдам доволно материјал кој ќе може сега да ми даде многу поточни податоци за тоа зошто ги правеле фигурините, какви биле фигурините, кој е нивниот т.н живот што тие го имале во неолитското општество. Во таа смисла оваа монографија донесе eдно ново ниво на познавање на фигурините, иако и претходно и од моја страна и од страна на многу мои колеги беа истражувани, меѓутоа повеќе парцијално отколку вака темелно“, вели тој.

Наумов дополнува дека целите биле унифицирани во однос на тоа зошто фигурините се произведувани и зошто нивниот број е толку голем. Зошто наеднаш се појавуваат во толку голем број во неолитот, бидејќи претходно, во палеолитот и во мезолитот, во Македонија и воопшто на Балканот, за разлика од Централна и во дел од Западна Европа, тие воопшто и не се изработувале.

Затоа нему всушност прашањето му било зошто тие наеднаш се појавуваат заедно со т.н „неолитски пакет“ кога впрочем се појавува и земјоделството, првите фиксни куќи, демистификацијата на одредени житарици и на животните.

„Во самото истражување јас целев да видам во каква корелација е појавата на фигурините со останатите општествени сфери, а од друга страна и да видам кое е нивното значење, бидејќи претходно имаше многу теории и интерпретации за фигурините, но тие не беа никако убедливи. Затоа мислев дека треба да се најде начин за да се дојде поблиску до нивното значење со потемелно истражување на целиот инвентар од фигурини на секој од локалитетите што ги имаат ископувано македонските археолози. На тој начин мислам дека стигнав малце поблиску до нивните функции, значења или евентуално улога што ја имале во неолитското општество“, вели Наумов.

Од друга страна, археологот знае да каже дека генерално неговите интереси во однос на неолитот се пошироки и дека тој го истражува воопшто процесот на неолитизација и на формирање на првите неолитски заедници на Балканот. Сепак, во доменот на фигурините и нивните обележја тој планира и натаму да ја продолжи потрагата, бидејќи голем дел од она што го напишал за нив не е публикувано. Затоа подготвува нова монографија за следната година која би била повеќе теориска, повеќе културно-антрополошка, отколку само археолошка, и во таа смисла вели дека ќе приложи нови алтернативни форми на нивно толкување.

„Во монографијата „Неолитски фигурини во Македонија“, којашто е повеќе базична и документаристичка, не ги вклучив тие, да ги наречам, алтернативни форми на толкување на фигурините и затоа сега во следната ќе го направам токму тоа со тоа што голем дел од овие теории, или историја на овие теории, ќе мора да ги напишам, но откако ќе го довршам истражувањето во таа смисла за да биде целосно. Згора моето истражување на претставите на човечкото тело е насочено и кон оние т.н хибридни предмети. Тоа се антропоморфните модели на куќи, антропоморфните садови кои исто така за прв пат се изработуваат во неолитот и делумно и тоа паралелно ќе го истражувам заедно со сите оние теренски ископувања кои што се во тек и се надевам ќе продолжат и следната година во Пелагонија“, вели тој.

Гоце Наумов е доктор на науки и работи во Музеј на Македонија. Во центарот на неговиот научен интерес е предисториската археологија и особено неолитските општества во југоисточна Европа и Блискиот Исток. Учествувал на бројни археолошки ископувања на локалитети на Балканот, Мала Азија и Северна Америка, а раководел и неколку проекти концентрирани на населбите и материјалната култура во Пелагонија. Во текот на своите истражувања соработувал со повеќе научни институции од САД, Италија, Швајцарија, Русија, Чешка, Полска, Словенија и Македонија, а има одржано предавања и излагања во Њујорк, Париз, Кембриџ, Даблин, Осло, Хелсинки, Берн, Падова, Валета, Прага, Будимпешта, Истанбул, Љубљана, Белград, Софија, Солун и други. Автор е на повеќе од четириесетина научни труда и три монографии публикувани во Европа, Австралија и Америка. За своите научни трудови е добитник на награди од Светскиот археолошки конгрес и Европската асоцијација на археолозите.

Урбано Скопје, пак, Наумов го познава и како музичар. Неговото име е нераскинливо врзано со бендови или проекти како СЕТСТЕТ, ЛА КОЛОНИ ВОЛВОКС, ЗДИВ... Самиот забележува дека со музика се занимава уште пред да се втурне во археологијата и дека тој конечно има две професии.

„Иако сега сум доста далеку отиден во археолошките истражувања, сепак музиката никогаш не сум ја оставил на страна и затоа некои луѓе коишто ме познаваат како археолог мислат дека музиката ми е хоби и обратно, тие што ме знаат дека свирам, кога ќе ме видат на ископини или презентации, мислат дека археологијата е она споредното, притоа заборавајќи дека и двете активности, и звучни и научни, се дел од мојот секојдневен живот и на тој начин сето тоа паралелно функционира. Некогаш доминира едното, другпат другото, но во секој случај многу интересен е балансот да се излезе од академскиот свет и да се влезе во светот на уметноста или обратно, некогаш од слободниот свет на уметноста да се втурнеш во овој ригиден свет на науката каде што сè е некако проверено, измерено и мора да биде без никаква импровизација. Многу е интересна комбинацијата на тие два пристапи, бидејќи на некој начин стимулира да размислуваш поинаку. И во сферата на археологијата, но и во сферата на музиката“, вели Наумов.

Кон ова само уште информацијата дека во моментов Гоце Наумов е фокусиран на албумот што летово го сними со НЕКСТ ТУ САЈЛАНТ(микс и продукција), во декември ќе свири на концертите на СЕТСТЕТ по Македонија и работи на развојот на перформансот МИЛ-ТОН што во септември го изведе на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG