Достапни линкови

Куманово домаќин на градовите носители на мирот


И покрај заложбите за праќање пораки за мир, конфликтот од 2001-та година, а потоа и 9-ти и 10-ти мај годинава, со осум загубени животи и вознемиреност, дел од граѓаните се гордеат со градот носител на пораки на мирот, а другиот дел, пак, сметаат дека е далеку од тоа.

Меѓународната невладина организација „Градови носители на мирот“, под покровителство на Обедиентите нации за домаќин го избра Куманово, каде што ќе заседава Управниот борд, кој ги поставува основните теми, ќе биде изнесена генералната асамблеја и ќе се донесе резолуција која ќе биде упатена до Советот на безбедност, каде ќе учествува во основните платформи на ОН за мир, безбедност, демократија и човековите права.

Темата се војните, опасност и кризата и она што е предизвик на Европа со бегалската криза.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

„Зошто Куманово? Тоа беше иницијатива од самиот борд на градовите, пред сè поради случувањата на 9-ти мај, а и бегалската криза на балканските простори, а Куманово како една од главните точки во северниот дел на Македонија, во влезно-излезната рута. Темата се војните, опасност и кризата и она што е предизвик на Европа со бегалската криза“,изјави градоначалникот Зоран Дамјановски и потсети дека Куманово во оваа асоцијација членува седма година.

Тој додаде дека во Куманово потврдиле присуство претставници од десет градови. Меѓу присутните е и градоначалникот на Брајтон, како еден од основачите, а Струмица е еден од градовите кој ќе биде приклучен кон Асоцијацијата.

„За Куманово ова е едно признание од Асоцијацијата, како на град кој успеа да го сочува мирот и по случувањата на 9-ти мај. Успеа да ги сочува и меѓуетничкиот соживот и мирот и да ги врати на нормален пат општествените процеси.“

Во оваа Асоцијација можат да членуваат градовите кои биле препознаени по својот придонос за зачувување на мирот, соживотот, почитување на човековите права, слободата и демократијата. Во времето на одржување на Самитот во Куманово, Македонија е во длабока политичка криза, но како што вели Дамјановски неговата порака е што поскоро да се надминат сите проблеми за Македонија да тргне во просперитет.

„Мојата основна поента е да не му дадеме политичка боја на Самитот, да се вратиме на базичните постулати на носителите на порака за мир, бидејќи без слобода нема мир, без демократија нема мир, значи сите тие работи се врзани во еден конгломерат на проблеми кои во светот денеска се многу присутни.“

И покрај заложбите за праќање пораки за мир, конфликтот од 2001-та година, а потоа и 9-ти и 10-ти мај годинава, со осум загубени животи и вознемиреност, со тоа и чувство на небезбедност, дел од граѓаните се гордеат со градот носител на пораки на мирот, а другиот дел, пак, сметаат дека е далеку од тоа.

„Куманово и треба да го носи епитетот град на мирот, бидејќи успева да го зачува мирот и покрај тоа што е мултиетнички, но тукапостојат и многу други различности инкорпорирани во Куманово. Куманово е можеби најинтересен град во Македонија. Има стратешка позиција, најголема општина е во државата, буквално не постои етничка заедница која ја нема во Куманово и Куманово успева да ја носи таа порака без оглед на сето што му се случуваше.“

„Во иднина можеби и може да ја носи таа титула, но засега не, бидејќи во 2001-та година во близина имавме воен конфликт,вооружениот инцидент на 9-ти и 10-ти мај, постојано има некакви тензии, град кој живее во неизвесност затоа што може да дојде до меѓуетнички конфликт,сите само се повикуваме на тој соживот.“

„Да нема и политички препукувања и воени конфликти, тогаш би можел да го носи тој епитет, но засега, мојот став е дека не може.“

Проблемите со кои се соочува Куманово ќе ги надминува и во иднина со заложби за мир и за безбедност.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG