Достапни линкови

Кумановски Водовод отвори центар за грижа на корисници


Центар за грижа на корисници во кумановски Водовод.
Центар за грижа на корисници во кумановски Водовод.

Во новиот центар за грижа на корисници во Куманово ќе може да се платат сметки, да се пријави дефект, да се достават поплаки на граѓаните и да се потпише договор за плаќање на рати.

Дојдовме на една идеја, односно неминовност, дека грижа за корисникот на услугите на ЈП Водовод треба да биде наша основна точка, вели Горан Стојковски, директор на кумановски Водовод. Затоа, вели тој, првично го осмислиле едношалтерскиот систем со којшто граѓаните на Куманово ќе можат на едно место и во исто време да ги завршат апсолутно сите потребни активности со водоснабдување и одведување на урбани отпадни води.

Овде ќе може да се плати сметка, да се пријави дефект, да се каже некоја поплака, да се потпише договор на рати, да се изврши увид во сметките на граѓаните, да се даде и некоја пофалба се надевам за нашата работа.
Горан Стојковски, директор на кумановски Водовод.

„Овде ќе може да се плати сметка, да се пријави дефект, да се каже некоја поплака, да се потпише договор на рати, да се изврши увид во сметките на граѓаните, да се даде и некоја пофалба се надевам за нашата работа“, вели тој.

Според него, централната власт подолг период го маргинализира ЈП Водовод. Меѓутоа, со поддршка од канцеларијата на швајцарската амбасада за развој во Македонија и од локалната самоуправа овој центар е отворен.

„Гледајќи ја нашата ангажираност и посветеност Секретаријатот на швајцарската амбасада за поддршка на развој издвои средства за обнова на оваа просторија, проектот го поддржа и градоначалникот на Куманово за да граѓаните бидат во центар на вниманието, сите свои потреби да ги завршат на едно место, а внатрешните процедури во ЈП „Водовод“ да ги вршат вработените, а не граѓаните на Куманово“, вели тој.

Реализација на овој проект чини еден милион и 200 илјади денари, а јавното претпријатие ќе продолжи со осовременување на неговото функционирање.

Франк Видеркер, швјцарски регионален советник за води и животна средина, додаде дека ова е можеби прв и единствен ваков центар во државава.

„Ова е можност за сите граѓани кои што имаат проблеми со водоснабдувањето и одвод на отпадните води, да дојдат и да ги решат сите проблеми, а од друга страна и самото претпријатие и Општината имаат можност да дадат подобри услови за своите граѓани“, вели Видеркер.

Тој додаде дека се надева дека е можно во иднина повторно да се здружат силите за некој нов проект.

Градоначалникот Зоран Дамјановски рече дека јавното претпријатие за водоснабдување е еден од најважните сегменти во секоја локална самоуправа. За жал, кумановското се соочува со долгогодишни проблеми, како во однос на снабдување со сирова вода, со нејзината цена и се што е поврзано со тоа. Меѓутоа овој менаџерски тим работи не само на намалување на загубите на водата и на надминување на останатите проблеми, работи и на нови проекти.

„Центар за грижа на водокорисниците на некој начин брзо ќе ги решава сите дефекти, како еден од основните елементи во загуби на вода, а пред сè детектирање на диви приклучоци, исклучување или конектирање на тие кои имаат право на такво нешто. На тој начин се трасира патот за една нова постапка и нов период каде имаме рехабилитација на ова претпријатие. Поради историските неправди за четири до пет пати поскапа сирова вода ова претпријатие е донесено во една дисбалансирана финансиска состојба во која егзистира на раб на егзистенција. Затоа го поздравувам овој проект со кој колку-толку ќе се намалат приходните трошоци од сировите води што ги добиваме од Липковската брана“, вели тој.

Дамјановски, како што рече, се надева дека во наредниот период ќе се надминат и проблемите со ЈП „Водостопанство“.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG