Достапни линкови

Жителите газат по кал, партиите се обвинуваат


Населбата Видобишта која што се наоѓа на само неколку километри од центарот на Охрид, се уште нема асфалтирана улица. Жителите бараат да се реши нивниот проблем, партиите си ја префрлаат одговорноста.

Жители кои живеат на улицата Момчило Јорданоски во Охрид бараат улицата по која газат секој ден конечно да се асфатира. Бараат од институциите да го решат нивниот проблем за кој сметаат дека е повеќе од сериозен, бидејќи велат дека и тие биле граѓани на Охрид.

Улицата е целата кал. Рекоа дека ќе почнат да ја прават во 2014 година есента. Ниту пролет, ниту есен. Канализацијата ни се затвора секој ден и секој ден ги викаме од Нискоградба. Се поплавуваат и подрумите.
Анкетиран жител кој живее на улицата Момчило Јорданоски.

„Улицата е целата кал. Рекоа дека ќе почнат да ја прават во 2014 година есента. Ниту пролет, ниту есен. Канализацијата ни се затвора секој ден и секој ден ги викаме од Нискоградба. Се поплавуваат и подрумите“, вели жител кој живее на улицата Момчило Јорданоски.

„Повеќе пати сме се обратиле и до минатата власт и ни рекоа дека ќе биде асфалтирано. Овие два-три месеца пак ни рекоа дека ова ќе почне се да се асфалтира од први август. Така вети сегашната власт. Се надеваме дека тоа ќе го исполнат, вели друг жител.

Населбата Видобишта која што се наоѓа на само неколку километри од центарот на Охрид, се уште нема асфалтирана улица реагираат од СДСМ Охрид. Над 1.000 жители од ова место и над 250 семејства немаат достоен пристап до своите домови, вели Александар Кузески, секретар на СДСМ во Охрид.

„Улиците „Момчилo Јорданоски“ и „ Сирма Војвода“ во лето се полни со прашина, а во есен и зима со кал. Погледнете, во 21 век, во Охрид нема асфалтирани улици, па жителите од оваа населба особено во врнежливи денови едвај стасуваат до своите домови. За овие граѓани проблем е секое излегување од дома. Кога врне дожд или кога има снег проблемот дополнително се усложнува. Поради тешко проодниот пат сериозно е отежнат пристапот на возилата на брзата помош или на противпожарната бригада, вели Кузески.

Бараат од локалната власт да се зафати, како што велат, со решавање на вистинските проблеми на граѓаните.

Свесни сме дека од партиската централа во Скопје од СДСМ-Охрид добиваат насоки за континуирано критикување на вредното работење на градоначалникот Никола Бакрачески и локалната самоуправа, реагираат од Општината.

„На еден крак од улица „Момчило Јорданоски“ која што СДСМ ја спомна, претходниот градоначалник од нивните редови и тогашните служби, незаконски спроведоа канализациона мрежа на истата и Општина Охрид низ еден чуден судски процес беше задолжена на едно охридско семејство да му исплаќа 50 евра дневно оштета направена од власта од СДСМ во Охрид. Така се грижеше СДСМ-Охрид за охриѓани и за жителите на улица „Момчило Јорданоски“.Што се однесува до улицата „Сирма Војвода“, стручните служби на општина Охрид имаат изработено комплетна документација за изградба на улицата, којашто СДСМ со години им ја ветуваше на граѓаните“, реагираат од локалната власт.

XS
SM
MD
LG