Достапни линкови

Поплавите урнаа две куќи во Бело Поле


Во долненското село Бело Поле нема канализација, па водата од дождовите се собира околу куќите и ги разјадува темелите. Жителите велат дека власта само пред избори ги лаже дека ќе направи пат за да не газат по кал.

Обилните дождови кои последниот месец паднаа во Долненско се причина делови од две куќи изградени од цигли од плитари да се урнат заедно со покривот. Двете семејства од селото Бело Поле, Секулоски и Трајкоски, со шест члена, сега се наоѓаат во безизлез, немаат пари за санација на штетите, а демне опасноста куќите да се урнат до темел.

Ако ни помогне државата нешто, оти јас не можам да работам, имам рака скршена. Малку ми даваат помош за раката, со 4000 денари живееме, а си работев порано дома тутун, крави си чувавме.
Гордана Секулоска, жителка на Бело Поле.

„Ако ни помогне државата нешто, оти јас не можам да работам, имам рака скршена. Малку ми даваат помош за раката, со 4000 денари живееме, а си работев порано дома тутун, крави си чувавме“, вели Гордана Секулоска.

Оваа 56-годишна жена со свекрвата се прибрале во куќарчето што се наоѓа веднаш до шталата за добитокот, зашто им е страв да се вратат во куќата.

Соседите Трајкоски, пак, немаат избор.

Пред една недела падна овој дел одовде, го повлече и нашиот дел одонде, пукна, ене падна и другиот дел од ѕидот.
Јагода Трајкоска, жителка на Бело Поле.

„Пред една недела падна овој дел одовде, го повлече и нашиот дел одонде, пукна, ене падна и другиот дел од ѕидот, извадивме сè, ене стои во приколката тоа што имаше внатре, сè е наакано, наваму-натаму и спиеме ние во другата соба оттаму, па до кога ќе спиеме ќе видиме, до кога ќе издржи ќе видиме“, вели Јагода Трајкоска.

И мештаните потврдуваат дека куќите се урнати од поплавите, бидејќи во селото нема канализација, ни одвод, ни испусти, па водите се собираат и во секој двор се создава мочуриште, а темелите на куќите киснат во вода.

Нека дојде премиерот наш и нека каже што направи овде, а што во Скопје. Нам не ни требаат ни споменици, ништо не ни треба, овде ова да го направи и тоа бараме обична ризла да тури.
Аце Цветаноски, жител на Бело Поле.

„Куќата пропадна од поплавите, од дождот, скисна, од плитар се двете правени и стари се да речам, нема канализација, нема одвод, водата сè тука стои“, вели Горан Секулоски.

„И мене може истото да ме чека. Ете половина куќата е под влага, е сега треба нешто да се снајде, да се исканализира, да се среди, патов сами го гледате каков е“, вели Милан Стојаноски.

Животот во Бело Поле е вистински кошмар. Мештаните се движат само со чизми, се лизгаат како во хорор сцени низ калта, стравувајќи да не паднат. Од сите страни се шири непријатен мирис, зашто фекалните се мешаат со дождовните води.

„Немаме ние два века за живеење, нека дојде премиерот наш и нека каже што направи овде, а што во Скопје. Нам не ни требаат ни споменици, ништо не ни треба, овде ова да го направи и тоа бараме обична ризла да тури. Кога дојдоа пред избори Јанакиески, Деркоски, ни ветија дека пат нема да биде ова, дека ќе биде или регионален пат или автопат. Ама за да ги изгласаме само“, реагира Аце Цветаноски.

Во Бело Поле живеат околу 200 жители. Од нив само еден е вработен. Условите за живот се катастрофални. Обидите за помош до локалните и централната власт велат се безуспешни.

Се обидовме да добиеме одговор од градоначалникот Боше Милошески за да дознаеме кој е планот на Општина Долнени за ова село, но тој не одговори на телефонските повици.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG