Достапни линкови

И советници од ВМРО-ДПМНЕ воздржани за мала марина во Охрид


Охридската опозиција се против изградба на мала марина кај малото пристаниште во Охрид, но и двајца советници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа да го поддржат проектот.

Против изградбата на мала марина кај малото пристаниште во Охрид не само што застана опозицијата, туку воздржани за ваквиот проект на локалните власти беа и двајца советници од партијата која е на власт во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ. Тие гласаа воздржани за физибилити студијата за оправданоста за изградба на ваква марина по пат на јавно приватно партнерство. Со проектот се предвидува, покрај реконструкција на пристаништето, на него да никне и угостителски објект.

Мислам дека овде се гледа интересот само на тој кој ќе биде приватен партнер кој предлагате на 20 години да ја добие концесијата за користење на тој дел и плус десет години да се продолжи неговото користење.
Жаклина Лазареска, советничка од СДСМ во Советот на Општина Охрид.

Жаклина Лазареска, советничка од СДСМ, изрази сомнеж дека физибилити студијата била нарачана во интерес на приватниот партнер.

„Односно за тој што ќе ја добие кафеаната на малото пристаниште. Ме загрижува фактот што тој што ја порачал физибилити студијата не се консултирал со граѓаните на Охрид и не го зел нивното мислење и не постапил по мнозинството на граѓаните на Охрид. Мислам дека овде се гледа интересот само на тој кој ќе биде приватен партнер кој предлагате на 20 години да ја добие концесијата за користење на тој дел и плус десет години да се продолжи неговото користење“, рече Лазареска.

Очекував во Охрид да влеземе во офанзива за расчистување на узурпираноста од објекти во целата брегова линија. Ние, наместо тоа, промовираме сосема спротивен процес и влегуваме во езерото со платформи и градби.
Дејан Пановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид.

Дејан Пановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека на овој начин се влегува во процес на експериментирање.

„Таквиот објект е исцртан со една градба која не е адекватна за Охрид и која е навлезена во самото езеро. Очекував во Охрид да влеземе во офанзива за расчистување на узурпираноста од објекти во целата брегова линија. Ние, наместо тоа, промовираме сосема спротивен процес и влегуваме во езерото со платформи и градби. Ние и тука одиме чекор наназад со некои за мене смешни и хедонистички обиди и правејќи од нешто што не сме. Сакам да ги охрабрам локалните власти да покажат малку повеќе охридско во делувањето и во себеси и да се грижат малку повеќе за вредностите и сочувувањето на Охрид. Треба да се сетиме што кажавме во политичката програма како ќе го уредиме овој простор“, рече Пановски.

Независниот советник Павел Попоски рече дека историски станале најавите за изградба на марина во Охрид.

„Марина ќе се родеше, ќе се школуваше, ќе завршеше и ќе ја мажевме. Како не ни е срам на сите. За Охрид не треба да дискутираме за мала марина, на Охрид му треба добар простор каде ќе се стационираат, зимуваат и сервисираат тие пловни објекти“, рече Попоски.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, рече дека се работи за пристаниште кое не е реконструирано повеќе од 40 години.

„Уште пред две години се обврзавме да направиме атрактивно и угледно место кое ќе биде привлечно за охриѓани и гостите. Охрид треба да се движи и чекори во 21 век, а не во 19 век, онака како што некои неаргументирано размислуваат“, рече Бакрачески.

Предлогот на дел од советниците е малото пристаниште во Охрид наспроти хотелот Палас, кое е пред распаѓање, општината со свои средства сама да го уреди.

XS
SM
MD
LG