Достапни линкови

Нема услови за контролен меѓу-преглед на бродовите во Охридското Езеро


Бродот Александрија 2 во Охридското Езеро.
Бродот Александрија 2 во Охридското Езеро.

Во Охрид сè уште нема соодветна локација каде охридските бродови ќе можат да се укотват на суво, за осигурителната компанија Биро Веритас без проблем да изврши контрола на безбедноста на бродовите.

Охридските бродари наредната година ги очекува нова контрола која стручни екипи од Осигурителната компанија Биро Веритас од Франција треба да ја извршат врз нивните пловни објекти за да може и понатаму да пловат по Охридското Езеро. Иако дозволите им важат до 2014 година, сепак ќе мора да направат контролен меѓу-преглед на бродовите за да се потврди нивната исправност, вели новиот капетан на Охридската капетанија Горан Устијаноски.
До април месец секој од бродарите мора да обезбедат термин и да ги повикаат од Биро Веритас за да направат контролен меѓу-преглед, бидејќи сертификатот е на три години, а меѓу-прегледот е на година и пол, со толеранција плус, минус шест месеци. Самите бродари ќе си го повикуваат класификациското друштво што ќе направи контролен меѓу-преглед на бродовите.
Горан Устијаноски, капетан на Охридската капетанија.

„До април месец секој од бродарите мора да обезбедат термин и да ги повикаат од Биро Веритас за да направат контролен меѓу-преглед, бидејќи сертификатот е на три години, а меѓу-прегледот е на година и пол, со толеранција плус, минус шест месеци. Самите бродари ќе си го повикуваат класификациското друштво што ќе направи контролен меѓу-преглед на бродовите“, вели Устијаноски.

Охрид.
Охрид.
Но она што останува главен проблем за охридските бродари е немањето соодветна локација каде би ги извадиле бродовите на суво за да може да се изврши проверката од страна на осигурителната компанија. Државата нуди едно, општината друго решение, кое не е почнато со реализација.

„Ние имаме од страна на државата обезбедено едно место во Радожда кое е во сопственост на Министерството за одбрана. Во комуникација сме со нив и се надевам дека тие преговори позитивно ќе завршат, односно бродовите ќе можат да се сервисираат во Радожда“, вели Устијаноски.

Охридскиот градоначалник Александар Петрески вели дека општината размислува ова прашање да го реши со тоа што во населбата Грашница, покрај самиот брег на езерото, да се изгради марина, но оти останува да се реализира уште урбанистичкиот план.

„Во делот кај фудбалското игралиште Грашница ќе се изгради комплетна марина, каде во склоп ќе има еден канал каде ќе може бродовите да се влечат на суво и да се сервисираат и да се прегледуваат, што е една од забелешките поради која бродовите не можат да се прегледуваат, нема каде да се фаќаат на суво. Без овој систем кој сакаме да го направиме е многу тешко, многу ризично да се прави“, вели Петрески.

Изградбата на овој проект чини многу пари, сметаат охридските бродари, но велат дека очекуваат час поскоро да се започне со негова реализација, а не се да остане само на празни ветувања. Сметаат дека државата и локалната власт побрзо треба да го решат прашањето со укотвувањето на бродовите и изградба на современа марина.
XS
SM
MD
LG