Достапни линкови

Предизборна кампања во континуитет, работните групи на пауза


Другата недела четирите политички партии повторно ќе ги разгледуваат прашањата поврзани со изборното законодавство, медиумите и анкетната комисија за прислушуваните материјали.

Работните групи за спроведување на договорите од Пржино до понеделник нема да имаат состаноци, оти, како што брифираат извори вклучени во преговорите, белгискиот експерт Питер Ван Хоуте нема да бил во земјава. Другата недела тие повторно ќе ги разгледуваат прашањата поврзани со изборното законодавство, медиумите, анкетната комисија што треба да се занимава со прислушуваните материјали.

Се забележува една интересна работа, дека покрај активности на централно ниво, и општините што се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ доста активно работат, така што се работи за една синхронизирана предкампањска активност, нема на кој друг начин да се објасни.
Ненад Марковиќ, политиколог.

Во меѓувреме, додека претставниците на работната група имаат кратки рокови за постигнување договор по сите прашања, лидерите и раководствата на партиите се чини како да се во изборна кампања па речиси секојдневно се сретнуваат со граѓани и ветуваат дека тие ќе им обезбедат подобар живот. Политикологот Ненад Марковиќ оценува дека предизборната кампања е почната пред околу два месеца и во неа, како што вели, се интензивно вклучени владините партии.

Со изборот на специјалниот обвинител мислам дека уште повеќе ќе се интензивираат тие активности затоа што препреката која и во мислите на нашите политички елити беше можна или тешка да се надмине, се надмина, така што веќе сме длабоко навлезени во предизборна кампања и мислам дека како што минуваат деновите таа ќе се интензивира сè повеќе.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„Се забележува една интересна работа, дека покрај активности на централно ниво, и општините што се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ доста активно работат, така што се работи за една синхронизирана предкампањска активност, нема на кој друг начин да се објасни. Што се однесува до опозицијата, не знам колку можности имаат тие, со оглед дека имаат малку општини под нивна контрола за да тераат некаква интензивна кампања и не знам колку воопшто имаат медиумска видливост, но претпоставувам дека и тие преземаат поинтензивни активности во однос на критика итн., но апсолутно кампањата е започната, тука нема дискусија“, вели Марковиќ.

Според аналитичарот Алберт Муслиу, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ влегле во изборна кампања уште со потпишувањето на договорот во Пржино и одредувањето на датумот за предвремените избори што ќе се одржат на 24 април.

„Нашите партии не се толку одговорни за некои работи да ги земат принципиелно и да се однесуваат така, но со изборот на специјалниот обвинител мислам дека уште повеќе ќе се интензивираат тие активности затоа што препреката која и во мислите на нашите политички елити беше можна или тешка да се надмине, се надмина, така што веќе сме длабоко навлезени во предизборна кампања и мислам дека како што минуваат деновите таа ќе се интензивира сè повеќе“, вели Муслиу.

Според него, партиите на Албанците сè уште не се навлезени во предизборна кампања со толку голем интензитет.

„Тие и не беа главните актери во политичките тензии што ги имавме во последните шест-седум месеци. Така што тие се секако влезени во предизборие, гледаме дека има раздвижување, како во политичкиот блок на Албанците, така и надвор од него. Верувам дека и тие се во предизборие, но не со толкав интензитет како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Муслиу.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG