Најновата Република во неколку текстови се подбива со опозицијата и со лидерот на СДСМ Заев, на тема задоволството од изборот на специјалната обвинителка Јанева, сугерирајќи им на читателите да си го постават прашањето: Кога опозицијата ќе почне да плука по неа? Па едновремено и одговара дека тоа веројатно ќе се случи кога таа ќе покаже дека е реална, објективна и професионална и дека не залудно ја заслужила домашната и меѓународна поддршка.
По аналогија патетичниот наслов „Ајде Като, ајде злато“, ќе го сменат со „Като мори душманке“...Република.
По аналогија, тврди авторот потоа, патетичниот наслов „Ајде Като, ајде злато“, ќе го сменат со „Като мори душманке“. Во уводникот, пак, Република претскажува дека, „Соросовите перјаници постепено ќе ги засилуваат нападите кон специјалната обвинителка со цел Јанева да ги затвори политичките противници на СДСМ за да може опозицијата конечно да победи во избори без противник“, тврди провладиниот неделник.
Уводната колумна на Фокус се осврнува на оние кои по изборот на специјалната јавна обвинителка и изгласувањето на Законот за таа функција почнаа да удираат жалопојки по Уставот, како што вели. Па вели: „Со спец-обвинителот се кршел Уставот! Кукумјавчат тие што го газеа, извртуваа, се мајтапеа со неговото слово, особено со мантрата „согласно Уставот и законите“ или ги поддржуваа сите овие настраности“. Па резигнирано и луто авторката на уводникот во Фокус продолжува: „Ние сме, бре, во вонредна состојба зашто, да ми простите, му се посравте и на Уставот и на законите. Институциите ги урнисавте. Демократијата ја закопавте, ама барем крст на Водно ѝ издигнавте, ем споменици низ плоштадот ѝ изградивте“.
Со спец-обвинителот се кршел Уставот! Кукумјавчат тие што го газеа, извртуваа, се мајтапеа со неговото слово, особено со мантрата „согласно Уставот и законите“ или ги поддржуваа сите овие настраности.Фокус.
Фокус не ја спомнува скапата ограда од ковано железо околу Владата, но затоа Глобус ѝ ја посветува колумната Таленти, што е насловена со: „Ограда од паника и страв“. Па покрај другото авторот пишува дека оградата со која „конечно бегаат од народот“ е најновото дело на Груевски и неговата тајфа соучесници во грабежот. Се прави, вели, од паника да се зачува азното на власта и поради страв од гневот на народот во кој Груевски и тајфата, колку до вчера, се колнеа. „Закитени со чичка нова ограда од паника и страв, домашните феудалци на чело со светскиот рекордер во фрлање празни лопати, можат да се споредуваат со светските диктатори или со затворениот кварт на Енвер Хоџа во Тирана, каде што со децении не смееше ниту мува да прелета без дозвола, а камоли да помине некој натрапник. Албанскиот диктатор остана запаметен по душманското осиромашување и масовниот прогон на сопствениот народ“, пишува меѓу другото Глобус, терајќи ги читателите сами да си прават асоцијации.