Достапни линкови

Политичкиот договор – главна тема во дневниот печат


Договорот меѓу четворицата партиски лидери, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан е главна тема и во дневните весници. Внимание предизвика и нападот на вицепремиерот Владимир Пешевски врз сопственикот на порталот Мактел Саше Ивановски.

Вака-така, еврокомесарот Хан или американската функционерка Нуланд ги притегнаа партиските лидери да потпишат договор кој би требало да ја реши неколкумесечната политичка криза во земјава.

Падна договор - избори во април, СДСМ во Собрание, Груевски се повлекува.
Утрински весник.

Слободен печат информира во насловот дека „Груевски ќе се повлече во јануари, избори во април“, слично како и Утрински: „Падна договор - избори во април, СДСМ во Собрание, Груевски се повлекува“. Иако, Утрински го пренесува сомнежот на политичките познавачи дека „Договорот е со низа ризици“. Вечер информира дека „Политичката криза е решена“, но со свое видување на постигнатиот договор: „Заев го продаде СДСМ за да се спаси себеси од судење“, а веднаш потоа објавува реакции на неколкумина опозиционери кои се незадоволни од постигнатото на Заев и на Партијата со наслов: „Што ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите?“

Од изјавата на Груевски, Вечер го вади следново: „СДСМ беше приклештена, не можеше да избега од изборите“. Слободен печат и Утрински, пак, објавуваат дека Нуланд „телефонски го приклештила Груевски“ да се согласи да потпише. И Дневник го цитира Груевски дека „Политичката криза е решена - европските перспективи на Македонија остануваат отворени“.

Запад повеќе сака пари отколку човекови права - 300 милијарди долг на Грција повредни од Македонија
Дневник.

Вечер ги објавува и укажувањата на правниците дека се збунети од терминологијата употребена во текстот на Договорот: „Новите термини ги нема во Уставот“, насловува весникот.

Голем публицитет по социјалните мрежи и во печатените медиуми предизвика нападот на вицепремиерот Пешевски врз новинарот Саше Политико, кој, за волја на вистината отворено го провоцира Пешевски, барем според видео-снимката која „шета“ низ интернет. Новинарскиот пленум побара кривична одговорност за функционерот поради ова.

Некој се договара, некој се тепа, а Утрински насловува: „Половина Македонија живее во сиромаштија“, додавајќи дека според нашиот Државен завод за статистика сиромаштијата се намалувала, но според европската, Македонија е на врвот.

Исто така Утрински информира дека „Блокирани сметки поради неисплатени долгови спрема банките и државата имаат 170 илјади граѓани“.

Весниците објавуваат дека таканаречената „Исламска држава“ пак ѝ упатила закани на Македонија, како и на другите држави на Западен Балкан, а прва цел ќе била Србија.

„Грчкиот епилог добра вест за нас“, ги пренесува Утрински реакциите на домашните компании на новата финансиска помош на Грција од страна на ЕУ, но Дневник реагира вака: „Запад повеќе сака пари отколку човекови права - 300 милијарди долг на Грција повредни од Македонија“, наведувајќи ги млаките реакции на Европејците во врска со нерешениот проблем со името и состојбата на македонското малцинство во Грција.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG