Достапни линкови

Груевски и Заев задоволни од договорот за решавање на кризата


Предвремени парламентарни избори во Македонија ќе се одржат на 24 април идната година, соопштија по преговорите во Скопје, лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев, изразувајќи задоволство од постигнатиот договор со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан и тројката европратеници.

Според договореното, сто дена пред изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер, што ќе биде системско решение и за сите наредни избори.

Новиот јавен обвинител со целосни автономни овластувања ќе ги добие материјалите каде што на транспарентен начин треба да бидат процесирани, паралелно преку собраниските комисии, исто така нивната содржина ќе биде достапна до јавноста. Најважно од се е што ќе има правна последица по сите докази и аргументи.
Зоран Заев, лидер на СДСМ.

СДСМ во почетокот на септември се враќа во Парламентот и ќе предложи технички министер за внатрешни работи, а ќе се избере и нов јавен обвинител.

Премиерот Никола Груевски презентирајќи го постигнатиот договор на повеќечасовната средба на партиските лидери со посредство на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска изјави дека политичката криза во Македонија е решена, преговорите завршиле успешно со договор за избори и оти тој е задоволен од постигнатиот договор.

Во нашиот случај ова ќе значи дека ВМРО ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за периодот од 100 дена почнувајќи од 15 јануари до изборите кои ќе се одржат на 24 април идната година.
Никола Груевски, ллидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски појасни дека согласно постигнатиот договор, како системско решение, отсега па за сите наредни парламентарни избори 100 дена пред сите парламентарни избори Владата ќе се повлече и ќе се формира Влада за спроведување на изборите.

„Во нашиот случај, како што рече, ова ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за периодот од 100 дена почнувајќи од 15 јануари до изборите кои ќе се одржат на 24 април идната година. Се согласивме, почнувајќи од 20 октомври па до изборите, СДСМ во претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи што значи личност која на никој начин не се поврзува со ниту една политичка партија“, изјави Груевски, додавајќи дека е отворена можноста СДСМ да предложи министер за труд и социјална политика.

Истовремено и во двете министерства ВМРО-ДПМНЕ ќе именува свои заменици со право на увид и вето за сите прашања поврзани со изборите.

Ова е извонреден ден за вашата земја кој ја отвори многу широко вратата на вашата евроатланска перспектива. Ова е перфектен момент за Македонија и оти меѓународната заедница ја препознала потребата да и помогне на земјата, која е подготвена да ги исполни потребните реформи.
Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.

Такви заменици министри ќе бидат номинирани од страна на СДСМ во министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација. Сите други сегашни министри на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски, ќе останат во Владата до денот на изборите.

Договорено е до 15 септември годинава да се избере обвинител кој ќе ги води истрагите околу прислушуваните комуникации кој треба да биде избран во согласност со сите четири политички партии, рече Груевски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција по лидерската средба изрази задоволство од постигнатиот договор.

„На 24 април 2016 година ќе се одржат предвремени парламентарни избори што ги бараше опозицијата, на коишто граѓаните на Македонија, на слободни, фер и демократски избори ќе ја изберат новата власт“, изјави Заев, оценувајќи дека со денешниот договор се потврдило се што неговата партија и коалициските партнери го посочиле во проектот „Вистината за Македонија“.

Тој додаде дека премиерот Никола Груевски ќе поднесе оставка до крајот на годината, а изборот на новата влада ќе биде најдоцна до 15 јануари. Премиерот на преодната влада ќе го избира ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ ќе го предложи новиот министер за внатрешни работи. Покрај МВР, СДСМ ќе предложи и министер за труд и социјална политика. Во министерствата за финансии, земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество, СДСМ ќе назначи заменици министри со право на вето“, рече Заев.

На 15 септември е предвидено да биде избран специјален обвинител кој ќе биде задолжен да спроведе истрага за содржините, доказите и аргументите од прислушуваните телефонски разговори.

„Новиот јавен обвинител со целосни автономни овластувања ќе ги добие материјалите каде што на транспарентен начин треба да бидат процесирани, паралелно преку собраниските комисии, исто така нивната содржина ќе биде достапна до јавноста. Најважно од се е што ќе има правна последица по сите докази и аргументи“, рече Заев.

Опозицијата на почетокот на септември ќе се врати во Собранието и, како што рече Заев, активно ќе учествува во целосно спроведување на сите сегменти од постигнатиот договор.

Во документот што го потпишаа лидерите на четирите најголеми партии, како што вели Заев, не постои, ниту, пак, се разговарало на маса дека преодната влада би преговарала за решение на спорот за името.

Претходно, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека лидерите се согласиле за предвремени парламентарни избори и оти фокусот понатаму ќе биде на имплементација на извештајот на Прибе и на останатите препораки на Европската комисија.

„Можам да ви кажам дека постигнавме договор потпишан од лидерите на најголемите четири партии и задоволен сум од постигнатото“, изјави Хан по средбата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

„Ова е извонреден ден за вашата земја кој ја отвори многу широко вратата на вашата евроатланска перспектива, рече Хан, додавајќи дека ова е перфектен момент за Македонија и оти меѓународната заедница ја препознала потребата да и помогне на земјата, која е подготвена да ги исполни потребните реформи.

Хан најави дека следната недела во Брисел ќе се одржи состанок на Советот на ЕУ на кој ќе се разгледаат потребните реформи, дијалогот на високо ниво ќе продолжи во септември, а потоа ќе следува и извештајот за напредокот на земјата.

„Договорот ќе даде можност за натамошно продолжување на препораката за почеток на преговори, рече Хан.

Ова треба, како што кажа, да им помогне на некои земји членки кои имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата.

Еврокомесарот Хан информираше дека вечерва имал телефонски разговор со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Викторија Нуланд.

„Ова беше потврдено и од нашите американски пријатели, но мора да се каже дека ова е европски договор и оти сите партии придонесоа за овој договор, рече Хан.

Тој им се заблагодари на европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит за нивниот придонес, на американскиот амбасадор Џес Бејли и на евроамбасадорот Аиво Орав, кои исто така учествуваа во разговорите.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG