Достапни линкови

Кризата почна со изборите, ескалира со „бомбите“


Опозицијата вели дека со прислушуваните разговори се потврдува она што тие и претходно го зборувале - дека изборите се нерегуларни, има притисоци и закани, нема слобода на медиумите и оти судството е целосно контролирано од власта.

Од април минатата година кога на денот на изборите, непосредно по затворањето на избирачките места, претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека не ги признаваат изборите и бараат нови со техничка влада всушност започна политичка криза во Македонија. Но, епитетот сериозна го доби во февруари годинава, откако Заев стана еден од осомничените во аферата Пуч, па набрзо потоа почна со објавувањето на долгонајавуваните т.н. бомби.

Од прислушуваните телефонски разговори опозицијата вели дека се потврдувало она што тие и претходно го зборувале - дека изборите се нерегуларни, резултатите се добиваат со притисоци и закани, дека нема слобода на медиумите, правосудството е целосно контролирано од власта која не бира начини за пресметка со неистомислениците.

Од прислушуваните телефонски разговори опозицијата вели дека се потврдувало она што тие и претходно го зборувале - дека изборите се нерегуларни, резултатите се добиваат со притисоци и закани, дека нема слобода на медиумите, правосудството е целосно контролирано од власта која не бира начини за пресметка со неистомислениците. Нивното клучно барање е обезбедување клима за фер и демократски избори преку слобода на медиумите, прочистување на избирачките списоци, наоѓање на начини да не се врши притисок или да се поткупуваат гласачите.

Заев речиси на секој јавен настап повторува дека со земјава владеел режим, а дека тие се бореле за враќањето на слободата и демократијата. Вообичаено поткрепа за ваквите тврдења опозицијата наоѓа во извештаите на меѓународните организации како оној на Фридом Хаус, во кој земјава е сместена во групата држави со хибриден режим, или пак на Репортери без граници во чии извештаи континуирано паѓа слободата на медиумите.

Според ВМРО ДПМНЕ, народот преку избори бирал кој ќе биде на власт, а кој во опозицијата и тие се оние кои ја имаат поддршката.

За власта, пак, сето ова е перцепција. Прво претседателот Иванов, па потоа и некои пратеници од владејачката партија меѓународните критики почнаа така да ги карактеризираат. Според ВМРО ДПМНЕ, народот преку избори бирал кој ќе биде на власт, а кој во опозицијата и тие се оние кои ја имаат поддршката. Партијата повторува дека Заев преку различни сценарија сакал да дојде на власт без избори, а материјалите што ги објавувал биле сечени, креирани и монтирани. Тие тврдат дека народот за нив гласа оти имаат програма, нешто што опозицијата го немала и затоа ја немала поддршката од граѓаните. Со, како што тврдат, кризата креирана од опозицијата, Заев и правел директна штета на економијата, а тоа се констатира и во проекциите на ММФ. Според самиот Груевски, пак, опозицијата правела сè за да нема договор, надевајќи се дека политичка криза би имала влијание на економијата, па луѓето ќе почнеле да се разочаруваат од ВМРО-ДПМНЕ и да гласаат за СДСМ.

Овие две сосема спротиставени гледишта, преку конкретни мерки наведени во договорот од 2 јуни, се обидуваат да ги приближат еврокомесарот Јоханес Хан, европски пратеници, но и американската администрација која преку помошник државниот секретар за Евроазија Викторија Нуланд испрати слична порака како и Брисел - не губете време и решете ја кризата сега.

Двете најголеми партии на Албанците, пак, во текот на целата криза јавно се држат на страна. Имено лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, иако присуствуваат речиси на сите лидерски разговори, не излегуваат со конкретен став, има или не слобода и демократија во земјава и како во неа се победува на избори. Главните нивни пораки, особено на Ахмети, се слични како и на амбасадорите - проблемот треба да се реши што е можно поскоро.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG