Достапни линкови

Неопходен брз излез од политичкиот ќорсокак


Во ситуација кога преговорите влегоа во ќорсокак, странските политичари и аналитичари препорачуваат дека е потребно брзо решение за да не се дозволи политичката криза да ескалира.

Формирањето преодна влада во овој момент изгледа невозможно, откако преговорите кои требаше да доведат до неа првиот човек на СДСМ Зоран Заев во средата ги прогласи за неуспешни. Ден подоцна ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја забетонира својата позиција - промена на министри и премиер е нешто што партијата нема да прифати, соопштија од таму.

Многу се надевам дека овие најавени скорешни посети на комесарот Хан и помошничката Нуланд ќе придонесат за тоа, иако моето мислење е дека проблематиката е апсолутно внатрешна и дека без искрен договор на политичките лидери нема многу да значи притисокот од надвор.
Димитар Мирчев, универзитетски професор.

Во ваква ситуација кога преговорите влегоа во ќорсокак, странските политичари и аналитичари препорачуваат дека е потребно брзо решение. Потребен е итен меѓупартиски договор за формирање преодна влада што треба да подготви кредибилни избори во април, оценува меѓу другото Меѓународната криза група во својата анализа за Македонија именувана како „Деактивирање на бомбите“.

Професор Димитар Мирчев и покрај актуелната стагнација во разговорите смета дека договор деновиве е можен, не само поради барањето на меѓународните фактори, туку и поради потребата на македонските граѓани.

Јас не верувам ниту на спогодби, оти сме имале и порано такви спогодби кои се прогласуваат за тоалетна хартија. Јас мислам дека само силен притисок од надвор и од внатре можат да ја „опаметат“ оваа власт.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Многу се надевам дека овие најавени скорешни посети на комесарот Хан и помошничката Нуланд ќе придонесат за тоа, иако моето мислење е дека проблематиката е апсолутно внатрешна и дека без искрен договор на политичките лидери нема многу да значи притисокот од надвор“, вели Мирчев.

Инаку, еврокомесарот Хан кој идната недела ќе дојде во Скопје веќе порача да не се губи време, а аналитичарите очекуваат сличен притисок и од американскиот помошник државен секретар за Европа Викторија Нуланд која в понеделник ќе пристигне во земјава.

Аналитичарот Мерсел Биљали смета дека ваквите пораки ги имало со години, но ништо суштински, како што вели, не влијаело кај владејачката гарнитура, која, според него, била клучната која требала да ги послуша ваквите сугестии. Не е проблем договарањето на преодната влада, туку спроведувањето на договорено, смета тој.

„Јас не верувам ниту на спогодби, оти сме имале и порано такви спогодби кои се прогласуваат за тоалетна хартија. Јас мислам дека само силен притисок од надвор и од внатре можат да ја „опаметат“ оваа власт“, вели Биљали.

Меѓународната кризна група во извештајот сугерира и заедничка македонско-косовска истрага, со помош на меѓународната заедница, за судирите во Куманово, нешто што министерот за внатрешни работи Митко Чавков веќе го одби. Ако итно не се разреши кризата, постои ризик дека може да се прошири во насилни судири, оценуваат од МКГ.

„Мислам дека во меѓународната заедница и во регионот се осудија обидите за дестабилизација и дека главно прашањето е сега на нашиот правен и правосуден систем“, вели Мирчев.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG