Достапни линкови

Дела, а не само зборови за реформите во судството


‪Искуствата од регионот укажуваат дека е неопходно невладините организации да бидат „куче чувар“ кога на маса ќе седнат владата и европската унија да го чешлаат судството. Целта на проектот Мрежа 23 е зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор во спроведувањето на законодавството во рамки на Поглавјето 23 - Правосудство и темелни права.

Европското поглавјето 23 и реформите кои ги носи со себе во сферата на правосудството и основни човекови права, никогаш не завршува, особено не со затварањето на преговорите со ЕУ, покажува искуството на невладините организации од Балканот. Тие денеска на завршната конференција на проектот „Мрежа 23“ зборуваа отворено за проблемите, предизвиците и крајните резултати кои ги добиле од неколкугодишното спроведување на реформите во судството. Бугарските и хрватските искуства укажуваат дека е неопходно невладините организации да бидат „куче чувар“ кога на маса ќе седнат владата и европската унија да го чешлаат судството.

Хрватска не беше подготвена да ги затвори преговорите, на почетокот на тоа се гледаше како на национално предавство, бидејќи сите во Хрватска чувствуваа дека се жртви на ветото од Словенија, на Хашкиот трибунал, на корумпираниот премиер, на кој знае што.
Марина Шкрабало од хрватската платформа 112.

„Хрватска не беше подготвена да ги затвори преговорите, на почетокот на тоа се гледаше како на национално предавство, бидејќи сите во Хрватска чувствуваа дека се жртви на ветото од Словенија, на Хашкиот трибунал, на корумпираниот премиер, на кој знае што, и дека заради сето тоа заслужувавме да станеме членки на ЕУ“, вели Марина Шкрабало од хрватската платформа 112. Таа додава дека денеска нејзината земја се соочува со последиците од недовршените реформи и нерешени проблеми во судството.

Во однос на подготовките на невладиниот сектор за зголемување на своето влијание во процесот на пристапување во Европската унија, Малинка Ристевска Јорданова вели дека минатата година бевме поблиску до преговори од годинава.

Политичките лидери дадоа еден удар да не речам една клоца на целиот процес и сите нам, всушност сите нас тоа не обесхрабрува и не води кон големите дилеми со сериозни прашалници што ќе правиме понатаму.
Ермира Мехмети, претседателка на Комисијата за европски прашања во Собранието.

Претседателката на Комисијата за европски прашања во Собранието Ермира Мехмети вели дека интегративниот процес во Македонија е во криза.

„Политичките лидери дадоа еден удар да не речам една клоца на целиот процес и сите нам, всушност сите нас тоа не обесхрабрува и не води кон големите дилеми со сериозни прашалници што ќе правиме понатаму. “

Министерот советник во Делегацијата на европската унија во Скопје Роберт Лидл вели дека извештајот на Прибе е важен за применувањето на законските обврски на институциите наместо нивни минимизирање како досега.

Тој посочи дека најголем дел од идентификуваните проблеми се поврзани со имплементација, со правење наместо зборување.

„Минимизирање на надлежностите на други институции и едноставно нивно спречување да делуваат, наместо да се придонесува кон надминувањето на актуелната ситуација. Ние можеби бевме доста дипломатски во минатото, меѓутоа ги препознававме проблемите што постојат, а сега извештајот е навистина корисен во идентификувањето на она што веќе го знаеме.“

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека никогаш не била задоволна од дипломатскиот речник во извештаите на меѓународниот фактор за случувањата со владеењето на правото и човековите права, но извештајот на Прибе ја отсликува вистинската состојба за која невладините организации со години зборуваат.

Таа истакнува дека не постои компромис за човековите права, владеењето на правото и за се што треба да биде изнесено пред лицето на правдата. ‪Целта на проектот Мрежа 23 е зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор во спроведувањето на законодавството во рамки на Поглавјето 23 - Правосудство и темелни права. Преку проектот се предвидува воспоставување на структуриран координативен механизам за следење и евалуација на политиките кои произлегуваат од процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, особено во контекст на реализација на обврските што се наметнуваат согласно Поглавје 23.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG