Достапни линкови

Жителите бараат нормален пат од Кривогаштани до Воѓани


Протест за изградба на пат Кривогаштани-Воѓани.
Протест за изградба на пат Кривогаштани-Воѓани.

Селаните велат дека оваа делница е кочница во извршување на земјоделските работи во општина која егзистира од земјоделство. Градоначалникот ветува изградба на патот.

Жители на Општина Кривогаштани реагираат затоа што регионалниот пат Кривогаштани-Воѓани е претесен за да се разминат две возила и има многу ударни дупки. Велат дека трпат големи штети на возилата, а оваа делница е кочница во извршување на земјоделските работи во општина која егзистира од земјоделство.

Во Програмата на општината за 2015-та година беше предвидено дека работите ќе започнат во јуни месец, еве и тој месец измина, општинската власт ништо не презеде.
Рубин Шефтероски, претседател на општинската организација на СДСМ од Кривогаштани.

„Овој пат не е направен од 1983 година, фреквенцијата е зголемена, на времето во едно село се броеја околу 50, а сега едно домаќинство има две возила. Така што овој пат е претесен за фреквенцијата на патниот правец од Кривогаштани кон населените места на општината“, изјави Тони Тасески, жител на Кривогаштани.

Реагираат и советниците од опозицијата и бараат итна изградба на оваа сообраќајница.

„Во Програмата на општината за 2015-та година беше предвидено дека работите ќе започнат во јуни месец, еве и тој месец измина, општинската власт ништо не презеде. Го прашуваме градоначалникот, со што заслужија жителите на оваа општина во денешно време да бидат поврзани со светот преку едно тесно патче со огромни дупки“, изјави Рубин Шефтероски, претседател на општинската организација на СДСМ од Кривогаштани, на протестот што се одржа деновиве.

По 40 години можеби и повеќе во октомври ќе започне изградбата на патот Кривогаштани-Воѓани, што лично го најави премиерот на Македонија. Тоа е инвестиција од Владата.
Тони Заткоски, градоначалник на Кривогаштани.

Градоначалникот Тони Заткоски, истакнува дека токму овие проблеми со патната инфраструктура се негов приоритет во изборната програма, којашто вложува максимални напори да се реализира не само до последната точка, ами да се урбанизира општината целосно.

„По 40 години можеби и повеќе во октомври ќе започне изградбата на патот Кривогаштани-Воѓани, што лично го најави премиерот на Македонија. Тоа е инвестиција од Владата. Се работи за патен правец долг 9,5 километри, каде што најмалата широчина изнесува 6,5 а најголемата 11 метри, што значи дека ќе биде изграден по сите светски стандарди со комплетна вертикална и хоризонтална сигнализација“, вели градоначалникот Заткоски.

Тој најавува дека со 200 илјади евра од општинскиот буџет ќе започне изградбата на три локални патни правци во исто толку населени места. А, како што вели, во текот на изминатите две години во патна инфраструктура во Кривогаштани се вложени над еден милион евра.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG