Достапни линкови

Со учени фармери до поквалитетно млеко


Фармерите не се задоволни од откупната цена на млекото, велат дека не им остануваат доволно пари за да инвестираат во осовременување на постоечките фарми. Холандските експерти, коишто ја анализираа работата на фармите во Општина Кривогаштани нотираат низа проблеми.

Горан Глушески од прилепското село Пашино Рувци има своја фарма, со околу 50 грла крупен добиток, од којшто секојдневно добива по 500 до 600 литри млеко и е кооперант на една од македонските млекари. Toj така ја обезбедува егзистенцијата на своето петчлено семејство. Но, забележува дека откупната цена на млекото од 21,5 денари не е доволна за да се инвестира во подобрување на условите на фармата.

Добиваме субвенции од 2.700 денари по грло добитокот и 3,5 денари за литар млеко и тие што не вадат од калта, инаку би било многу потешко, ако нема субвенции.
Горан Глушески, фармер од прилепско.

„Добиваме субвенции од 2.700 денари по грло добитокот и 3,5 денари за литар млеко и тие што не вадат од калта, инаку би било многу потешко, ако нема субвенции. Малку останува добивка, треба да биде околу 25 денари, па да има економска оправданост, да се работи“, вели сточарот Глушески.

И другите сточари сметаат дека откупните цени на млекото, се ниски и дека немаат доволно пари за да ги инвестираат во осовременување на постоечките фарми.

Горан Глушески.
Горан Глушески.

Но, ова мислење не го делат холандски експерти, коишто 10-ина дена ја анализираа работата на фармите во Општина Кривогаштани. Според нив проблемот е во отсуството на едукација на сточарите и нивното одбивање да го окрупнат капиталот, за да стекнат поголема способност зa правилна работа на нивните фарми. Тврдат и дека цената на млекото во Македонија е речиси како во Холандија,а македонските заработуваат и повеќе во однос на холандските фармери.

Сите фармери се жалат дека немаат доволно финансиски средства, одбиваат да инвестираат во своите фарми, да соработуваат, не разменуваат знаења, искуства, приходите и квалитетот е низок, според тоа тие не се конкурентни на пазарот.
Јохан Ван Дерберг, експерт од Холандија.

„Сите фармери се жалат дека немаат доволно финансиски средства, одбиваат да инвестираат во своите фарми, да соработуваат, не разменуваат знаења, искуства, приходите и квалитетот е низок, според тоа тие не се конкурентни на пазарот“, забележува холандскиот експерт Јохан Ван Дерберг.

Од Општина Кривогаштани велат дека ќе се заложат експертските заклучоци, да бидат имплементирани, со цел побрз развој на сточарството.

„Неговата интенција беше окрупнување на тоа сточарско производство, фармите да ги изнесеме надвор од населните места, истите да бидат стационирани вон градежниот опфат на секое населено место. На тој начин решаваме голем дел на проблемите и ќе се овозможат идеални услови за развој на фармерството, бидејќи во тој регион ќе можат сами да ги видат благодетите од развојот на фармерството“, вели градоначалникот Тони Заткоски.

Во таа насока, локалната власт веќе реализира проект за изградба на Сточен пазар согласно сите современи стандарди. Сточниот пазар ќе располага со боксови за добитокот, административна зграда, пасошка контрола, ветеринарна инспекција и вага за мерење на добитокот. Овде ќе се продава добитокот не само од сите краеви на Македонија, туку и пошироко од регионот.

Оваа инвестиција која се реализира со 300.000 евра, од Агенцијата за поддршка на земјоделството и рурален развој, во населеното место Кривогаштани е со капацитет за 5.000 грла добиток, а ќе финишира за неколку месеци.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG