Достапни линкови

Фармерот Душко ја тужи државата


Фармерот Душко Илиевски бара отштета од 80 илјади евра за притворот без вина, претрпената душевна болка, омаловажување и за штетите нанесени во земјоделството. Тој беше притворен под сомнеж дека одгледува марихуана, но се покажа дека е невин и дека тоа било само див коноп.

Во битолскиот Основен суд започна судскиот процес во кој фармерот Душко Илиевски ја тужи државата и бара отштета од 80 илјади евра за притворот, претрпената душевна болка, омаловажување и штетите нанесени во земјоделството. Илиевски во 2010 година беше обвинет дека одгледува марихуана во нива во Битолско Поле, по што заедно со брат му и татко му дванаесет дена беа притворени. По две години, судот пресуди дека Илиевски се невени зашто не се работело за марихуана, туку за див коноп.

Дванаесет дена лежевме во притвор, околу 1000 евра да земиме јас, 1000 брат ми, 1000 татко ми. Тоа се смешни работи. За една тужба што ја тужев државата платив 42 илјади денари, ако падне и треба да се обжали на Апелационен суд ќе треба да платам 90 илјади денари.
Душко Илиевски, земјоделец.

Фармерот Душко Илиевски вели дека од Јавното правобранителство му било одговорено дека може да му биде пресудена само оштетата за притворот.

Цане Илиевски и Душко Илиевски.
Цане Илиевски и Душко Илиевски.

„Само да ми платат штета за притвор од 5000 денари. Другото што бев омаловажуван, материјални штети што имав во земјоделството, тоа не се признава. 12 дена лежевме во притвор, околу 1000 евра да земиме јас, 1000 брат ми, 1000 татко ми. Тоа се смешни работи. За една тужба што ја тужев државата платив 42 илјади денари, ако падне и треба да се обжали на Апелационен суд ќе треба да платам 90 илјади денари“, вели тој.

На тоа се вадат дека не ме затвориле беззаконски, туку сè било законски, зашто се сомневале дека сум садел марихуана.
Душко Илиевски, земјоделец.

Во рамки на процесот, Илиевски ќе мора да докаже дека претрпел душевна болка и нарушување на угледот, без при тоа да се повикува на снимките од медиумите како доказен материјал.

„На тоа се вадат дека не ме затвориле беззаконски, туку сè било законски, зашто се сомневале дека сум садел марихуана. Мојот адвокат кажа дека бев преку медиумите експониран, како бев затворан, приведуван. Тоа не можело државата да го сноси, медиумите го прикажувале. Медиумите сè да прикажат што се случува, оваа држава кого го затвора, кого го притвора. Тука е виновна државата, а не медиумите“, додава Илиевски.

Судскиот процес продолжува во септември кога вештаците ќе треба да ги образложат наодите дека на нивата на Илиевски имало див коноп. Фармерот Душко изјави дека ако не е задоволен од пресудата ќе поднесе тужба во Стразбур. Тој беше еден од најгласните фармери кога во 2010 година Сведмилк на 2.500 млекари им остана должна за неисплатеното млеко околу 3,5 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG