Достапни линкови

Лидерите посветени на договорот од 2 јуни


Лидерите се договориле, на 29 јуни да ги продолжат разговорите за целосно спроведување на договорот.

Средбата на лидерите на четирите политички партии со амбасадорите на САД Џес Бејли и на ЕУ Аиво Орав во Клубот на пратениците траеше еден час. Изјави не се дадоа, туку преку заедничко соопштение Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи го изразија ставот. Во соопштението што им беше доставено на новинарите, лидерите искажуваат посветеност на спроведување на договорот од 2 јуни. Лидерите се договориле, на 29 јуни да ги продолжат разговорите за целосно спроведување на договорот.

Го поддржуваме транспарентното менаџирањре од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на владеењето на правото, кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани.

„Го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на владеењето на правото, кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани“, стои во соопштението.

На средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски беше придружуван од министерот за надворешни работи Никола Поповски, лидерот на СДСМ, Зоран Заев од професорката Рената Дескоска, Али Ахмети, од Артан Груби, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи од пратеникот Имер Алиу.

До средбата доаѓа по извештајот подготвен од експертската група ангажирана од Европската комисија, кој се однесува на анализи на европските експерти на УБК, судството, Омбудсманот, изборите и медиумите во Македонија. Според инфорамциите што ги обајвија дел од медиумите, во главните заклучоци од извештајот се вели дека снимките со прислушуваните материјали се со квалитет што генерално може да се смета дека се правени во Службата за разузнавање, а дека корупцијата во земјата заслужува посебен извештај со оглед дека политичката корупција е присутна на многу нивоа.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најавувајќи ја средбата во интервју за 24 Вести претходно изјави дека извештајот ќе помогне за промена на власта. Заев изјави дека се преговара за концентрациона влада, односно влада во која ќе бидат сите партии, додавајќи дека на средбата ќе биде соопштен крајниот рок што СДСМ го дава за да се постигне договор за решавање на политичката криза.

„Јас се надевам дека во многу брзо време ќе се состави таа организација на влада која што ќе ги подготви и ќе ги спроведе изборите. Овој извештај имплицира оставка на Груевски веднаш. Овој извештај имплицира еден силен аларм каде што мора да седнеме сите заедно и да се зафатиме тоа што се дава како препораки таму да го имплементираме веднаш“, рече Заев во интервјуто.

Премиерот Груевски досега изјавуваше дека останува на ставот дека тој нема да си замине од функцијата.

„Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско. Ни договор сака да постигне, ни избори да има“, рече претходно Груевски.

На ова претходеше средба во Брисел која се одвиваше со посредништво на еврокомесарот Хан на која, како што дознаваме, бил постигнат договор опозицијата да добие место во Владата, Бесими да спроведува реформи во правосудството, но запнале кај оставката на Груевски.

Дел од тие информации кои Груевски ги нарече шпекулации беа дека на маса бил предлог за техничка влада и повлекување на премиерот Никола Груевски од премиерската позиција три месеци пред април 2016 година, времето на договорените идни парламентарни избори.

Инаку експертскиот извештај евро комесарот Хан му го предаде на вицепремиерот Фатмир Бесими. Актуелните случувања во земјата и политичката криза беа тема на разговорите на Бесими и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, којаисто така порача дека македонските политички лидери треба да го почитуваат договорот од 2-ри јуни за надминување на политичката криза во Македонија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG