Достапни линкови

Зврлевски - Имаме капацитет за независна истрага за Куманово


Кога се работи за извршено кривично дело, не може ниту една друга институција да утврди состојба и да преземе конкретна мерка, оти тоа е исклучиво во надлежност на домицилната држава, велат упатените.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски не сака да ги коментира предлозите на странците за спроведување на меѓународна независна истрага околу случајот Куманово. Тој сепак, за Радио Слободна Европа изјави дека Jавното обвинителство и институциите во државата имаат капацитет да спроведат апсолутно независна и компетентна истрага.

Во конкретниот случај веројатно се мисли на некоја меѓународна комисија за да ја утврди состојбата и да даде некои препораки. Секое преземање на некои дејствија кои се надвор од националното право, практично значи преќутно признавање на неспособноста и необјективноста на домашните институции.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Оваа реакција следи додека сè уште трае истрагата за случувањата во Куманово, кога сè почести се и барањата од надвор за спроведување на меѓународна независна истрага околу овој случај. Кон ваквите барањата на неколкумина европарламентарци, како и на германскиот шеф на дипломатија Штајнмаер, од неодамна се приклучи и албанскиот премиер Еди Рама поздравувајќи ја ваквата идеја.

Но, упатените во оваа област објаснуваат дека доколу се работи за извршено кривично дело, не може ниту една друга институција да утврди состојба и да преземе конкретна мерка, оти тоа е исклучиво во надлежност на домицилната држава.

Во една таква ситуација каде што постојано се укажува дека има потреба од испитување на случајот и дека треба да се врати довербата, најнормално е да се размислува за нешто друго и за некој меѓународен фактор којшто ќе биде инволвиран во сето ова.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Во конкретниот случај веројатно се мисли на некоја меѓународна комисија за да ја утврди состојбата и да даде некои препораки. Секое преземање на некои дејствија кои се надвор од националното право, практично значи преќутно признавање на неспособноста и необјективноста на домашните институции“, изјави Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Како да се сака да се дозволи нашите проблеми да ги решава некој друг, оти сме сме доведени до состојба во која не можеме самите да си ги решаваме суштинските проблеми, вели Трпеновски и додава дека сиве овие предлози се со желба да и се помогне на Македонија.

„Во конкретниот случај, кога е веќе изгубена вербата спрема надлежните институции, МВР, Јавното обвинителство и судот, тогаш се бара некој модалитет. Но, сите предложени модалитети се надвор од кривичното право и уставната одреденост. Затоа мислам дека ситуацијата ќе се реши само тогаш кога ќе зајакне вербата и кога ќе се врати објективноста на институциите“, вели Трпеновски.

Според Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права, ваквите предлози се резултат на нереагирањето на надлежните институции за состојбите веќе подолго време.

„Во една таква ситуација каде што постојано се укажува дека има потреба од испитување на случајот и дека треба да се врати довербата, најнормално е да се размислува за нешто друго и за некој меѓународен фактор којшто ќе биде инволвиран во сето ова“, изјави Николовска.

Според неа, несоодветната и како што вели пасивна реакција од надлежните органи покажува дека ние самите не можеме да го решиме случајот.

„Неакцијата или пасивноста веројатно е резултат на големите атаци на независноста и непристрасноста на сите органи во државата, вклучувајќи ги и оние кои треба да водат истрага и треба нешто да кажат. Не е возможно да има различни информации околу случајот Куманово, еве на пример во делот за бројот на жртвите од вооружената група. Сето тоа создава сомнеж кај граѓаните, а потоа и кај меѓународните организации кога нема да добијат соодветен фидбек на она што ќе го побараат“, вели Николовска.

Во меѓувреме, телата на деветте убиени косовски Албанци во Куманово пристигнаа во Приштина. Тие беа транспортирани до институтот за судска медицина во Приштина каде по барање на семејствата на починатите ќе им се изврши реобдукција.

„Бидејќи тука се и семејствата, тие изразија желба кај нас да се изврши реобдукција. И мораме да ја испочитуваме и таа процедура. Тоа брзо ќе го направиме. Ќе се мобилизираме и ќе ја завршиме процедурата за два дена“, изјави директорот на Косовскиот институт за судска медицина, Арсим Грџалу.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG