Достапни линкови

Оер – Македонските граѓани заслужуваат информации за дијалогот


Секој коментар од наша страна би значело неодговорно однесување, но македонските граѓани имаат право да бидат информирани за преговорите, рече денеска француската амбасадорка Лоренс Оер.

Отпочнат е еден процес во Стразбур на кој треба да му дадеме шанса и навистина она што беше кажaно минатиот понеделник од шесте амбасадори како порака до политичките субјекти сè уште важи, но од друга страна мора да напоменам дека македонските граѓани заслужуваат да бидат целосно информирани во однос на дијалогот што се води.

Сите претставници на меѓународната заедница, особено моите европски колеги не сакаме да даваме коментари затоа што сме обединети во преговорите што се водат, а секој коментар од наша страна би значело неодговорно однесување, но македонските граѓани имаат право да бидат информирани за преговорите.
Лоренс Оер, амбасадорка на Франција во Македонија.

Ова денеска го изјави француската амбасадорка во Скопје, Лорен Оер на средбата со вицепремиерот Фатмир Бесими, на настанот кој го организираше амбасадата под мотото „На кафе пауза со француската амбасада“.

Оер не сакаше да коментира околу можниот исход во однос на преговорите кои се водат меѓу лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија со посредство на европски преставници.

Тоа што е исклучително важно во овој период е политичкиот дијалог да даде резултати што е можно побрзо, да дојде до решение и на тој начин на еден единствен начин да дадеме можност Македонија да не ја испушти шансата за евроатланска интеграција.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

„Сите претставници на меѓународната заедница, особено моите европски колеги не сакаме да даваме коментари затоа што сме обединети во преговорите што се водат, а секој коментар од наша страна би значело неодговорно однесување, но македонските граѓани имаат право да бидат информирани за преговорите“, рече Оер.

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими на новинарските прашања дали ДУИ ќе ја напушти владеачката коалиција и какви се нивните ставови за барањата на СДСМ, одбегна да одговори, порачувајќи дека политичкиот дијалог треба да биде во функција на евроатланскиот пат затоа што случувањата во земјава го загрозуваат тој пат.

„Јас можам да кажам само тоа што е важно за Република Македонија, а тоа е во политичкиот дијалог да владее интересот на граѓаните и интересот на Република Македонија над интересот на политичките партии“, рече Бесими.

Тој истакна дека во овој момент е важно брзо да се видат резултати.

„Тоа што е исклучително важно во овој период е политичкиот дијалог да даде резултати што е можно побрзо, да дојде до решение и на тој начин на еден единствен начин да дадеме можност Македонија да не ја испушти шансата за евроатланска интеграција, односно членство на Македонија во ЕУ. Македонија станува сè почесто тема на состаноците во институциите на ЕУ и важно е земјата да прати вистински сигнали дека ние сме заинтересирани за членство во ЕУ, а тоа не е само до формален аспект, туку и од суштински аспект“, рече Бесими.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG