Достапни линкови

Два кампа, различни мотиви, желба за дијалог


Можно ли е заедничко кафе меѓу двата табора во Скопје?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Можно ли е заедничко кафе меѓу двата табора во Скопје?

Опозициски активисти кампуваат пред влада и бараат оставка на премиерот Никола Груевски. Провладините активисти од синоќа поставија контра-камп пред Собранието.

Топлото претпладне во Скопје не ги колеба камперите пред владата и пред собранието да заминат од привремените живеалишта. Граѓаните кои ги поставија шаторите пред зградата на Владата во неделата по антивладиниот протест велат дека ќе останат таму сè додека владата не си поднесе оставка.

Гледам нешто на инат е фатена работава. Дур не си поднесе оставка оваа недемократска власт, тука ќе бидеме.
демонстрант што кампува пред владата.

„Гледам нешто на инат е фатена работава. Дур не си поднесе оставка оваа недемократска власт, тука ќе бидеме.“

„Додека не си отиде и ние не си одиме.“

„Додека не си поднесе оставка“, велат граѓаните во кампот пред владата.

Даваме поддршка на оваа влада, бидејќи оваа влада се занимава со сите проблематики во државата. Ние лично би останале овде. Штом тие продолжуваат и после онаа шлаканица од народ со седење пред влада, ние сме спремни уште повеќе од нив да бидеме издржливи.
демонстрант што кампува пред Собранието.

Оние, пак, кои по вчерашниот собир за поддршка на владата одлучија да останат во шатори спроти Собранието имаат различни мислења до кога би останале во паркот.

„Не знам, додека е потребно да даваме поддршка на оваа влада, може месец, може два, може утре да си одиме, не се знае.“

„Додека не си оди градоначалникот на Центар.“

„Јас сум дојден овде против геј-парада.“

„Даваме поддршка на оваа влада, бидејќи оваа влада се занимава со сите проблематики во државата. Ние лично би останале овде. Штом тие продолжуваат и после онаа шлаканица од народ со седење пред влада, ние сме спремни уште повеќе од нив да бидеме издржливи.“

„Додека не сфатат дека оваа влада има направено многу за македонскиот народ.“

„Додека Заев не се врати во парламентот“

Граѓаните кои преспиваат пред владата за другите недвојбено го употребуваат терминот контра-камп, сугерирајќи дека се таму само како одговор на нивната акција.

„Контра-кампот е смешен од причина што опозицијата веќе со месеци го најавува ова што се случува тука“, вели еден граѓанин пред владата.

Но, и покрај крајно различните ставови, поголем дел од луѓето од двата кампа велат дека се подготвени да се сретнат меѓу себе.

„Нормално, тоа е целта, да ја вратиме демократијата, да разговараме, а не да правиме поделби како тој што сака да ја подели државата на подобни и неподобни“, вели граѓанин од кампот пред владата.

„Зошто да не, тие се наши сограѓани, Македонци, само со различно размислување, а тоа размислување не е во ред“, вели еден од кампувачите пред Собранието.

Покрај различните мислења за актуелната политичка ситуација и атмосферата околу шаторите е различна. Пред владата граѓаните претпладнево појадуваа, разговараа, играа карти, слушаа домашна поп музика. Покрај шаторите имаат и транспаренти со пречкртан лик на премиерот Никола Груевски, а шаторите имаат и имиња со фрази кои станаа популарни по т.н. бомби. Пред Собрание, пак, забележлива е гласната македонска патриотска музика, картонски крстови како декор, бројни државни и партиски знамиња.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG