Достапни линкови

Груевски им најде замена на Јанкулоска и Јанакиески


Груевски застана зад реформите и остварувањата на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков, а за новите министри рече дека со нив нема да има застој во реформите. Опозицијата оставките ги нарече панична реакција на Груевски.

Премиерот Никола Груевски изјави дека оставките на министрите Јанкулоска и Јанакиески, како и на директорот на УБК Сашо Мијалков ги прифатил за да се расчисти политичката криза по објавените прислушувани разговори од опозицијата, но зборовите што ги кажа за нивната работа може да се толкуваат како негова недвосмислена подршка за реформите што ги направиле.

Несомнено нивното дејствување во овој правец ги донесе во ситуација да се трн во окото на секој криминалец, независно дали тој бил осуден или аболициран за криминал, независно дали се домашни, петоколонашки или странски непријателски служби.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

„Несомнено нивното дејствување во овој правец ги донесе во ситуација да се трн во окото на секој криминалец, независно дали тој бил осуден или аболициран за криминал, независно дали се домашни, петоколонашки или странски непријателски служби“, рече Груевски.

За Миле Јанакиески, Груевски рече дека дека е неуморен работник, стручњак, кој оставил зад себе остварувања и дополни дека со новиот министер за внатрешни работи Митко Чавков и новиот министер за транспорт Владо Мисајловски, нема да има застој во реформите.

Опозицијата оставките ги нарече панична реакција на Груевски во услови кога нема маневарски простор за докажување на својата вистина и за останување на премиерската функција. Опозицијата се враќа во Парламентот, тогаш кога ќе има седница на која ќе се гласа преодна влада, изјави Тито Петковски од НСДП.

За мене лично нема никаква дилема дека Груевски треба час поскоро, ако навистина и мисли добро на Македонија и на својата партија да ја напушти функцијата. Враќањето на опозицијата директно е во корелација со неговата оставка.
Тито Петковски, НСДП.

„За мене лично нема никаква дилема дека Груевски треба час поскоро, ако навистина и мисли добро на Македонија и на својата партија да ја напушти функцијата. Враќањето на опозицијата директно е во корелација со неговата оставка“, рече Тито Петковски.

Можеби оставките во владиниот кабинет се мал чекор во решавање на политичката криза, изјави Роза Топузовска Каровска, дополнувајќи дека Јанкулоска требало да си замине веднаш по објавувањето на материјалите од аферата прислушување, бидејќи дозволила целосен пад на безбедносниот систем.

„Ова е закаснет чин, но иако се сомневаме се надевам дека малку ќе придонесат за надминување на кризата“, вели Роза Топузевска Каревска.

Митко Чавков, досега беше директор на Бирото за јавна безбедност, а новиот министер за сообраќај Владо Мисајловски, беше директор на Јавното претпријатие за патишта. Со изборот на новите министри не се согласува Солза Грчева.

„Господинот Мисајловски е роден 1985 година, значи тој има 30 години. Кое е тоа искуство што го собра на 30 години? А овој значи на 30 години ќе стане министер“, рече Солза Грчева.

Претходно, цела недела имаше протести за барање одговорност за прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски и со повици за оставки. Претставници на иницијативата денеска беа пред собраниската зграда што треба да се толкува како уште еден поголем знак дека продолжуваат со протестите до заминувањето на владата.

„Треба да поднесе оставка целата Влада бидејќи има нелегитимност и кршење на законите од страна на сите членови на власта, а не само овие што во моментов дадоа оставки“, рече Здравко Савески.

Инаку денеска по изборот на новите министри, пратениците од ДУИ од Собрание заминуваат на Централен одбор на партијата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG