Достапни линкови

За нас се работи


Адмир Фазлагиќ, новинар.
Адмир Фазлагиќ, новинар.

Политичката криза одамна веќе не е само политичка, таа е институционална и нејзиниот крај уште не е на повидок. Но, при крај сме ние, обичните граѓани, пишува новинарот Адмир Фазлагиќ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Веста на денот во домашните и регионалните медиуми, вчера беше дека во Куманово, специјалните единици на македонската полиција покренаа акција против, како што велат, вооружената група. Вооружените престрелки од раните утрински часови траеја до доцна вечерта. МВР официјално соопшти дека пет лица загинаа, а триесет се повредени.

Добро зарем мораше вака? Немаше ли друг начин да се заврши ова? Добро, па, зарем повторно Македонија, пак ние, меѓу себе? Па, до кога?

Жал. Голема жал. Уште еден тежок ден за Македонија. За семејствата на загинатите полицајци, за нивните најблиски. Но, и за сите нас, граѓани на оваа држава. Изгубивме луѓе. За човечки животи се работи. Пукотниците, кружењето на хеликоптерите над небото, плачот на загрижените граѓани за безбедноста, за момент во мојата глава ја вратија сликата од конфликтот од 2001 година.

Откако ја слушнав веста, се прашувам, добро зарем мораше вака? Немаше ли друг начин да се заврши ова? Добро, па, зарем повторно Македонија, пак ние, меѓу себе? Па, до кога?

Се изнаслушавме разни приказни од медиумите, за тоа кој е можно да стои зад ова мрачно сценарио. Токму ова дополнително ја отежнува и онака тешката состојба на нашата држава. Политичката криза одамна веќе не е само политичка, таа е институционална и нејзиниот крај уште не е на повидок. Но, при крај сме ние, обичните граѓани. Фитилот на трпеливоста станува сè пократок. Агонијата наречена длабока државна криза продолжува. И ова страшно го исцрпува народот. Проблемите од ден во ден побројни, излезот не се гледа ни од далеку.

Предвидувањата за излез од наизглед безизлезната ситуација се многубројни.

Едните повикуваат на масовни мирни протести, другите прават сè само да не се протестира, а ќе слушнете и такви кои ќе ви речат дека сите се исти и дека политиката не ги интересирала, но замислете, тие сакале поквалитетен живот, повисоки плати, квалитетно здравство, образование, патна и железничка инфраструктура и што уште не, само политика не. Како да ни е, многу полесно неконструктивно и недоветно да ги обвинуваме сите за нашите неуспеси, а при тоа да си се погледнеме себе си и да си поставиме едно најлогично прашање,
што правиме ние за да ни биде подобро, како се однесуваме?

Доколку навистина сметаме дека нешто не е во ред, треба многу внимателно да согледаме зошто тоа е така, но најпрвин да почнеме од себе си, за да видиме во што точно е проблемот.

Пиењето кафе и зборувањето со нашите пријатели, комшии и познаници дека на нас ни е лошо, дека само едните се добри, другите биле ангели или, пак, дека сите се лоши, само ние знаеме како понатаму е утопија. Доколку навистина сметаме дека нешто не е во ред, треба многу внимателно да согледаме зошто тоа е така, но најпрвин да почнеме од себе си, за да видиме во што точно е проблемот.

Сигурен сум, доколку бидеме реални, ќе воочиме дека самите сме пропуштиле да направиме многу и дека поради низа (не)оправдани причини не сме го направиле она што требало да го направиме, а сме биле во можност да го направиме.

Но, ете, биднало. Нерационално е времето да го трошиме на тоа што би било кога би било, ама затоа, можеме да научиме од грешките од минатото, или пак, на крај, есапот ќе биде толку голем, што не верувам дека ќе сме спремни да го платиме.

А што правиме всушност Ние?

Како млад новинар, ќе си дадам за право да напишам неколку реда за состојбата во медиумите кај нас. Во јавниот дискурс неретко можеме да слушнеме дека, генерално, каква е состојбата во медиумите, таква е состојбата и во државата. А каква е состојбата со македонските медиуми, тоа верувам многу добро го знаете. Имено, Македонија е рангирана на 125 место во извештајот на Фридом хаус за слобода на медиуми и е најлошо рангирана на Балканот. И ова само по себе зборува многу, уште кога на сето тоа ќе ја додадете големата поделеност помеѓу колегите новинари, што недвосмислено зборува за лошата состојба во нашиот еснаф. Наместо со нашето однесување да бидеме пример за сите останати, според кој ќе се водат останатите, кај нас е обратно, ние сме пример за најголемата поделеност. Каде ќе стасаме плукаме едни по други, во дебатните емисии покажуваме елементарна некултура, непочитување на различното мислење, без при тоа да се придржуваме кон било какви етички правила, а пак, да не зборувам за секојдневните жолчни расправии по социјалните мрежи. Станавме премногу алчни, гориме од желба за сензационализам и публицитет по секоја цена, што подоцна дополнително ни ја отежнува работата. Секако дека сум свесен дека ние сме тие работниците и дека зависиме од некој друг, но сепак, не до толку да не можеме да одговараме за своите постапки и да одлучуваме за своите животи. Дојде време кога без колективно здружување, меѓусебно почитување и помагање се јадеме меѓусебно и слабееме од ден во ден. Сите нè користат како сакаат. На сите сме им во функција, само не на оние на кои навистина треба да сме, а тоа се граѓаните.

Неодамна, седејќи до доцна ноќе, со неколку постари колеги, чии кариери се за секоја почит, разговаравме за актуелната политичка состојба кај нас. За време на разговорот, еден од колегите ми рече дека всушност времето на новинарството допрва доаѓа. Само сега останува на нас да одбереме дали сакаме да направиме договор со немилосрдните работодавачи или со публиката, каде која макотрпно ќе ја градиме довербата, наклонетоста поради нашиот професионален и одговорен пристап или пак ќе одлучиме да работиме само во интерес на овие првите, да одработуваме за туѓи големи интереси, радувајќи се на малите мизерни плати, мислејќи дека чуда правиме, небаре топла вода измислуваме. Договорот со работодавачите, доколку го направиме ќе мора да го обновуваме, но договорот со публиката се постигнува многу тешко и само еднаш, но кога ќе се постигне - постигнат е!

Заради довербата која ни е неопходна од страна на публиката, ќе мора да се потрудиме да ја зборуваме вистината. Бидејќи, вистината нема алтернатива, има само алтернативен пат до неа, кога пред неа се пречките. Но, ниту една пречка не е посилна и поголема од вистината. Дали можеме да го стопираме изгрејсонцето кое го раѓа новиот ден?

Не.

Така е и со вистината. Таа доаѓа во вистинското време, токму тогаш, кога, ние „обичните смртници“, не ни можеме да замислиме дека ќе тропне на нашите врати. Затоа, да се биде на страната на вистината значи да се жив, се останато е живот со „умисла“!

XS
SM
MD
LG