Иако Конвенцијата за човекови слободи и права им дава можност на властите да го ограничат правото на протест на граѓаните, сепак ограничувањето на слободата на движење и јавни собири пред Владата и пред други државни институции, за Народниот правобранител нема издржано образложение. Правобранителот Иџет Мемети потсетува дека и Законот за јавни собири јасно ги наведува местата каде што можат да се ограничат јавните собири и протести.
Органите се должни на граѓаните да им овозможат непречено да го остварат нивното уставно загарантирано право, мирно да го изразат својот револт или незадоволство од одредени одлуки.Иџет Мемети, Народен правобранител.
„Законот е дециден. Ограничувања може да има пред здравствените установи, пред детските градинки, училиштата итн.", вели народниот правобранител.
Правобранителот осудува секаков вид на насилство со кој се попречува правото на мирен протест, без разлика од каде тоа насилство доаѓа. Истовремено апелира до властите да им овозможат на граѓаните да го остварат правото на мирни протести.
„Органите се должни на граѓаните да им овозможат непречено да го остварат нивното уставно загарантирано право, мирно да го изразат својот револт или незадоволство од одредени одлуки.“
Во случајот треба да се вмеша дури и Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд има таква можност да реагира самиот кога постојат таков вид на големи нарушувања на човековите права и да даде до знаење дека институциите не смеат да ги злоупотребуваат, во случајот законите.Мирјана Најчевска, универзитетски професор.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека полицијата се одлучила на ваков чекор поради последиците од протестите во вторникот, кои како што велат, не биле претходно пријавени, ниту пак се јавува некој како организатор.
„Самото тоа по себе подразбира дека тоа не е согласно Законот за јавни собири, односно нема некој што презима одговорност, ниту има воспоставена редарска служба и истите тие граѓани беа сведоци како резултираат тие насилни и вандалски протести. Од тие причини наша обврска е да ја заштитиме безбедноста и на објектите кои сме должни да ги штитиме и да се трудиме што е можно повеќе да ги обезбедиме и полициските службеници да не страдаат од вандалите и хулиганите“, вели Иво Котевски од МВР.
Слична ситуација кога на граѓаните им беше ограничена слободата на движење имаше и на протестите за новинарот Томислав Кежаровски кога тие беа спречени да стигнат пред Музејот на македонската револуционерна борба. Тогаш министерството образложи дека во спроведувањето на своите акции работи според Правилникот за вршење на полициските работи, според кој секаде каде што може да се процени дека може да дојде до нарушување на јавниот ред и мир или вршење кривично дело, полицијата може да го ограничи движењето или да ги пренасочи превозните средства и лица во друга насока.
Професор Мирјана Најчевска истакнува дека има ситуации во кои е предвидено кратко сопирање на движењето и слично, но според неа се работи за продолжено спречување на луѓето да го остваруваат правото на демонстрација.
„Во случајот треба да се вмеша дури и Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд има таква можност да реагира самиот кога постојат таков вид на големи нарушувања на човековите права и да даде до знаење дека институциите не смеат да ги злоупотребуваат, во случајот законите“, вели Најчевска.
Прашањето за ограничување на движењето на граѓани на јавен простор се наметна откако во изминатите два дена на демонстрантите не им беше дозволено да стигнат пред Владата, а потоа и пред Јавното обвинителство. Во членот 21 од Уставот пишува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Според членот 26 пак од Законот за јавни собири, МВР може да го прекине одржувањето на јавен собир само ако е насочен кон загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните, при вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон и загрозување на животната средина.