Европската унија ги следи случувањата во Македонија со голема загриженост веќе подолго време, а во однос на тоа што се случувало синоќа, можеме само да ја повториме нашата силна загриженост, изјави за Радио Слободна Европа, Маја Коцијанчич, портпаролка на шефицата за европска дипломатија Федерика Могерини.
Исто така повикуваме да се избегне прекумерна употреба на сила од страна на властите. Политичките актери во земјата треба да преземат итни мерки за одржливо решение на актуелната политичка криза, а тоа подразбира активен ангажман за рестартирање на вистински политичкиот дијалог и враќање на довербата во институциите на Европската унија.Маја Коцијанчич, портпаролка на шефицата за европска дипломатија Федерика Могерини.
„Жалиме за неколкумината повредени демонстранти и припадници на безбедносните сили и го повторуваме клучното значење на слободата на мирни протести и слободата на изразување, како што стои и во Европската конвенција за човекови права. Овие се клучни вредности на функционирањето на демократијата и треба да се почитуваат. Исто така повикуваме да се избегне прекумерна употреба на сила од страна на властите. Политичките актери во земјата треба да преземат итни мерки за одржливо решение на актуелната политичка криза, а тоа подразбира активен ангажман за рестартирање на вистински политичкиот дијалог и враќање на довербата во институциите на Европската унија, изјави Коцијанчиќ, додавајќи дека секакви обвинувања за насилно покривање на протестите од страна на полицијата треба да бидат испитани итно, независно и транспарентно испитани од страна на властите.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Ралф Брет, преку соопштение изрази загриженост во врска со вчерашните протести пред зградата на Владата во Скопје. Во соопштението се наведува дека правото на протест е уставно загарантирано, но дека ваквите протести не треба да бидат проследени со насилство.
Ги повикувам властите и политичките актери, како и граѓаните, да покажат зрелост, да се однесуваат одговорно и да се воздржат од насилство.Ралф Брет, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Секој граѓанин треба да биде во можност да го искаже своето мислење и тоа треба да го направи на мирен и одговорен начин, а безбедносните сили треба да бидат во можност да ја вршат својата работа и да го одржуваат јавниот ред и безбедноста. Меѓутоа, полицијата треба да дејствува на професионален и на соодветен начин, со целосно почитување на индивидуалните права на учесниците на протестот. Ги повикувам властите и политичките актери, како и граѓаните, да покажат зрелост, да се однесуваат одговорно и да се воздржат од насилство", рече Брет.
По синоќешните случувања пред Владата, денеска се огласи албанскиот коалициски партнер. Демократската унија за интеграција смета дека протестите се уставно загарантирано право и дека граѓаните имаат право да го искажат своето незадоволство за кое било прашање.
Битно е тие протести да не бидат насилни со цел да настанат повреди на луѓето или пак да има материјални штети, меѓутоа сепак тоа е уставно загарантирано право на граѓаните.Бујар Османи, ДУИ.
„Битно е тие протести да не бидат насилни со цел да настанат повреди на луѓето или пак да има материјални штети, меѓутоа сепак тоа е уставно загарантирано право на граѓаните“, изјави партискиот портпарол Бујар Османи.
Од СДСМ најостро ги осудија како што рекоа бруталноста и пречекорувањето на овластувањата на полицијата врз граѓаните синоќа.
„Целата операција е смислена во домот на Никола Груевски. По наредбата да се употреби сила врз граѓаните, Груевски уште еднаш се обиде да ја убие вистината за убиството на Мартин Нешкоски“, рече портпаролот Петре Шилегов додавајќи дека СДСМ ја поддржува храброста на граѓаните да се спротивстават на бруталноста на режимот, но истовремено ги повикуваат граѓаните кои ќе продолжат да протестираат да не подлегнуваат на провокациите на власта.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираа дека лидерот на партијата Зоран Заев не може да ја монополизира, присвои или наштелува вистината како што на него му одговара дури ни со креирани, сечени и монтирани материјали. Засега нема реакција на протестите кои следеа по објавувањето на прислушуваните разговори во врска со убиството на Мартин Нешкоски.
И од Демократската партија на Албанците не добивме коментар на синоќешните протести пред Влада.
Вчера реагираше и поранешниот шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија Ерван Фуере, кој на својот фејсбук профил им даде поддршка на граѓаните кои протестираа пред Владата.
„Нема камена палата, со колку дебели ѕидови да е, која ќе ги заштити оние кои се кријат во неа, кои ги изгубиле кредибилитетот и легитимитетот да останат на власт, од волјата на народот. Сега е времето за промена“, напиша Фуере на Фејсбук.