Достапни линкови

Левиот државен џеб му должи на десниот


Кога се работи за други субјекти државата притиска и казнува за да наплати долг, но кон одредени јавни претпријатија кои се под нејзина капа е попустлива, па тие се на листата на најголеми должници според УЈП.

Тоа што на листата на најголеми должници за неплатен данок се наоѓаат и три јавни претпријатија е доказ дека државата применува двојни аршини, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски, по веста дека Македонија пат, Македонски шуми и Македонската радио телевизија заедно должат данок од 12, 7 милиони евра.

Притиска, казнува, врши контроли кај другите субјекти во Република Македонија за да ги зголеми приходите во буџетот, а од друга страна се однесува крајно непринципиелно кон оние обврзници коишто се под директно управување и раководење на државата.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Притиска, казнува, врши контроли кај другите субјекти во Република Македонија за да ги зголеми приходите во буџетот, а од друга страна се однесува крајно непринципиелно кон оние обврзници коишто се под директно управување и раководење на државата“, вели Најдовски.

Секако, тоа не исклучува дека причина за овие негативни салда на претпријатијата е лошото менаџирање на раководствата на тие компании, вели Најдовски. Проблем вели тој, е тоа што кај нас, никој не презема одговорност за своето лошо работење, па така и раководителите на овие фирми.

Тие претпријатија се употребени за партиски порамнувања на долговите и на политичките договори, затоа што се злоупотребени во поглед на партиски вработувања.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

„Во овој случај се покажува дека тие, и раководителите и надлежните коишто се во владата не почувствувале пред се морална одговорност, а секако дека неплаќањето на даноци има и други видови на одговорност за коишто има одредени надлежни институции.“

Но, според политикологот Соња Стојадиновиќ, пак, проблемот не е само лошото управување на претпријатијата, туку големиот број на партиски вработувања кои дополнително го оптеретиле буџетот на компанијата.

„Тие претпријатија се употребени за партиски порамнувања на долговите и на политичките договори, затоа што се злоупотребени во поглед на партиски вработувања. Ние се сеќаваме дека беше еден вид на понижување онаа лотарија за вработување во Македонски шуми и дека беше животна добивка да се добие државна работа во Македонски шуми“, вели Стојадиновиќ.

Тешко е да излезете од ваква ситуација, кога живеете во држава во која не е познато преземање на морална и политичка одговорност кај одговорните, истакнува Стојадиновиќ.

„Таа категорија е ставена во функција и тие луѓе не можат да одговараат ниту морално, ниту политички, затоа што тие се и дел од политичката гарнитура и тие се автоматски заштитени од нив.“

Сепак главната одговорност за ваквите финансиски проблеми ја има Владата смета Најдовски, додавајќи дека токму таа треба да понуди конкретно излезно решение за проблемот кај тие претпријатија. Стојадиновиќ пак е убедена дека Владата нема да интервенира, зошто според неа, тие претпријатија работат под нејзина контрола и по нејзин налог.

На листата најголеми должници која деновиве ја објави УЈП, предничат претпријатијата, вкупно 2.608 правни лица должат 180, 7 милиони евра. Речиси 200 милиони евра должат за неплатен данок над 3.500 фирми и граѓани, меѓу нив ексклузивни ресторани, градежни претпријатија, адвокати, продукциски куќи, но и обични граѓани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG