Нема државен систем, сè е партија. Партиски кадри по налог на Никола Груевски биле вработувани во МВР, во УЈП, здравството, судството, факултетите и сите институции. А оние што биле непослушни биле избркани од работа. Ова го тврди лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој на денешната прес-конференција пушти разговори кои, како што рече, се доказ дека државата е поклопена од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев потсети и на забелешките од меѓународните организации поврзани со поклопеноста на партијата и државата. Од првиот сет телефонски разговори за кои тој рече дека е меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер се слуша, како што појасни претседателот на СДСМ, дека двајцата зборуваат дека таткото на министерот за надворешни работи Никола Попоски го избркал од работа претседателот на синдикатот во Управата за цивилна и воздушна пловидба оти му се спротивставил.
Во друг пак телефонски разговор како што вели Заев, Јанкулоска и Мијалков зборуваат како да се справат со непослушните во Управата за безбедност и контраразузнавање, односно да ги ставеле, како што се слуша, во суфицит. По налог на Груевски се местеле и луѓе за вработување во здравството, тврди Заев, кој пушти разговор, меѓу, како што рече, Јанкулоска и премиерот во кој се слуша за вработувања во Воена болница. Во разговорот со сопругот, пак, се слуша како Јанкулоска зборува за непослушноста на директорот на болницата.
Беа пуштени и разговори за вработувања во УЈП, на факултетите, по партиска линија. Во еден од разговорите за кој Заев рече дека е меѓу Јанкулоска и поранешниот министер за образованието Панче Кралев се слуша како двајцата зборуваат дека дел од пријавените асистенти биле од СДСМ коишто немало да ги примаат, но дека било проблем што имало луѓе што не се дефинирани, како што велат.
Во последните сет снимки се слушаат договарања за вработувања во судството, а се споменува и името на новоименуваниот претседател на Судскиот совет Бранко Ушковски. На крајот Заев порача дека поради ова не очекуваат разрешница од македонските институции, дека ќе продолжеле со објавувањето на материјалите, но дека предност ќе му дале на дијалогот во Брисел, за кон не откри детали.