Достапни линкови

Попоски - Поради кризата внатре, Македонија трпи последици надвор


Седница на собраниската Комисија за надворешна политика.
Седница на собраниската Комисија за надворешна политика.

Министерот Никола Попоски смета дека со актуелната политичка ситуација и се дава изговор на Грција и натаму да не блокира при влезот во ЕУ, поради тоа што во земјата има деструктивна внатрешна политика и оти тоа треба да се надмине.

Влијанието на аферата „Пуч“ и неприсуството на опозицијата во Собранието врз нашите евроатлански аспирации, беше темата на седницата на Комисијата за надворешна политика на која дел од присутните пратеници побараа министерот Никола Попоски да одговори - Дали на земјата и претстои изолација ако не се реши политичката криза? Која странска земја има интерес да ја дестабилизира државата? и Дали освен евро-парламентарците и други институции со поголем потенцијал би имале волја Македонија да ја стават повисоко на својата агенда за излез од оваа ситуација?

Министерот Никола Попоски оцени дека Македонија треба да се фокусира на давање аргументи и отстранување на изговорите на тие што не блокираат. Тој смета дека со актуелната политичка ситуација и се дава изговор на Грција да не блокира и натаму, поради тоа што во земјата има деструктивна внатрешна политика и оти тоа треба да се надмине.

Во рамки на ЕК постои загриженост за тоа дали би можеле да ја задржат препораката за почеток на преговори во услови кога имаме најголем опозициски актер кој не смета дека е за сходно да функционира во рамки на институции и бара алтернативни методи.
Никола Попоски, министер на надворешни работи.

„Во рамки на ЕК постои загриженост за тоа дали би можеле да ја задржат препораката за почеток на преговори во услови кога имаме најголем опозициски актер кој не смета дека е за сходно да функционира во рамки на институции и бара алтернативни методи“, рече шефот на македонската дипломатија.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, рече дека Македонија е во длабока политичка криза и оти живееме во паралелни светови. Едниот протежира вистина дека интересите се загрозени од надвор, а другиот свет има друга вистина дека се работи за масовно кршење на правата со злоупотреби на системите за прислушување.

„Препознавате ли вие која е таа странска држава, странска служба која е обидува да направи или да учествува во дестабилизација на државата или во подготовката на насилно уривање на легално избраните претставници од народот, доколку тоа е така, бидејќи тоа најверојатно е ставот што владата го промовира и веројатно тоа како дипломати или како наши претставници во странство ќе мора и да го образлагате“, запраша Трајанов.

На што Попоски му одговори:

„На прашањето која е таа земја постои само еден одговор – Во Република Македонија има надлежни институции кои треба низ транспарентна и соодветна процедура да утврдат за можна вина, можна инволвираност и да преземат соодветни мерки за тоа.“

Пратеничката Роза Топузовска Каровска упати критики дека пратениците не може изворно да се информираат од владините претставници какви ќе бидат рефлексиите од кризата надвор од земјата и дека информациите ги добиваат од медиумите.

Освен за последиците од актуелната политичка криза врз евро-интеграциите, Артан Груби од ДУИ побара министерот да одговори кога ќе бидат отворени новите премини со Косово и колкава е застапеноста на Албанците во дипломатските конзуларни претставништва како и до каде е договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Попоски информираше дека за оваа година во делот на политиките за унапредување на односите со соседите се планирани заеднички владини седници и со Косово, Црна Гора и со Србија. По барање на пратениците да ги коментира изјавите во врска со таканареченото препукување на релација Вашингтон-Москва преку Западен Балкан,Македонија, Попоски рече дека витален државен интерес став е да бидеме членки на НАТО и на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG