Од осамостојувањето до денес, Република Македонија поминува низ долг и макотрпен процес на општествена транзиција која неповолно влијае врз нејзиниот економски и социјален развој. Во првата деценија од овој процес дојде до прекумерна централизација, со што се предизвика забавување и занемарување на локалниот развој и потреби.
Сиромашни се сметаат луѓе чии примања и ресурси се неадекватни во однос на стандардот кој се смета за прифатлив во средината во која живеат. Поради сиромаштијата, тие се соочуваат и со други непријатности поради невработеноста, ниските примања, лошото станбено прашање, неадекватната здравствена заштита и ограничувањата во однос на учење, културен живот, спорт и рекреација.
Додека на европско ниво, сиромаштијата може да биде поделена на два начина и тоа: апсолутна (екстремна) и релативна сиромаштија. Првата цел на Милениумската кампања на ОН е искоренување на екстремната сиромаштија и гладта. Под тоа може да разбереме преполовување на бројот на луѓе кои живеат со помалку од 1 долар дневно. Сепак во земјите на ЕУ кога се зборува за сиромаштија најчесто се мисли на релативна сиромаштија. Апсолутна или екстремна сиромаштија се однесува на недостигот од основните потреби за преживување. На пример, недостиг од храна, чиста вода и соодветно живеалиште, недостиг на облека или лекови и борба за опстанок. Овој тип сиромаштија е најчест во земјите во развој, но постои и во развиените земји.
Сиромашни се сметаат луѓе чии примања и ресурси се неадекватни во однос на стандардот кој се смета за прифатлив во средината во која живеат. Поради сиромаштијата, тие се соочуваат и со други непријатности поради невработеноста, ниските примања, лошото станбено прашање, неадекватната здравствена заштита и ограничувањата во однос на учење, културен живот, спорт и рекреација.
Друг често користен термин поврзан со сиромаштијата е ранливоста. Луѓето се во ранлива ситуација кога нивната лична благосостојба е ставена во ризик поради недостигот од потребни ресурси, со што имаат ризик од долгови, болести, недостаток од образование и живеат во неадекватни домови и опкружување. Сепак, не сите луѓе кои се во ризик од социјална исклученост или ранливост се сиромашни.
За разлика од сиромаштијата, која се концентрира на оние кои се на самото општествено дно, нееднаквоста покажува како ресурсите се дистрибуирани во однос на целото население. Нееднаквоста ги отсликува разликите меѓу просечните примања, меѓу примањата на богатите и сиромашните и е показател за тоа колку успешно секоја земја го дистрибуира тоа што го произведува. Генерално, земјите со висока стапка на нееднаквост имаат и повисока стапка на сиромаштија. Од ова произлегува дека проблемот со сиромаштијата е фундаментално поврзан со дистрибуцијата и редистрибуцијата на ресурсите во една земја.
Нееднаквоста во приходите во ЕУ обично се мери на два начина: односот С80/20 и Џини коефициентот. Односот С80/С20 е однос на вкупниот приход остварен од страна на 20 проценти од населението кои имаат највисоки примања со вкупниот приход на 20 проценти од популацијата која прима најниски приходи. Колку овој однос е поголем, толку е поголема нееднаквоста. Џини коефициентот ја зема предвид целокупната дистрибуција на приходите, а не само најниските и највисоките 20 проценти од нив. Тоа е техничка формула која ја открива врската меѓу кумулативните давачки на популацијата подредени според нивото на приходи и кумулативните примања од нив. Кога би постоела совршена еднаквост (сите во општеството да имаат исти приходи) тогаш овој коефициент би бил 0 проценти. Ако пак сите национални приходи би стигале до рацете на една единствена личност, когаш коефициентот би бил 100 проценти. Колку е поголем коефициентот - поголема е нееднаквоста во таа земја.
Активна вклученост е стратегија развиена од Европската комисија, направена да ги поддржи луѓето кои во моментот се социјално исклучени да живеат живот со достоинство и да им помогне да напредуваат до пронаоѓање пристојна работа или да добијат додатни вештини и самодоверба за поактивно да учествуваат во своите заедници.