Достапни линкови

Увозна дефлација - Штета или корист?


Цените со месеци се намалуваат. Дел од економистите велат дека тоа е поопасно за економијата од поскапувањето, но други посочуваат дека дефлацијата е поради поевтината нафта и оти тоа е поволно за Македонија.

Дефлацијата е секогаш поопасна од инфлацијата и поради тоа постојат централните банки за да се контролира да не дојде до дефлација, па затоа е навистина запрепастувачки што слушаме изјави од оние коишто треба да се претстават како стручњаци дека дефлацијата во Македонија не штети. Вака поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов го коментира последното излагање на гувернерот на Народната банка, Димитар Богов. Богов неодамна изјави дека сегашната негативна инфлација нема да ѝ наштети на економијата, бидејќи е предизвикана од надворешни фактори. Витанов вели дека најопасна за економијата е дефлацијата.

Власта и централната банка се синхронизирани во овој случај и одат на варијанта дека народот е премногу изгорен од инфлациите во СФРЈ и сега, со тоа што тврдат дека курсот на денарот со години е стабилен, се обидуваат тоа нам да ни го претстават како позитивна работа.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија.

„Во моментов она што се случува во Македонија е една многу опасна популистичка метода. Власта и централната банка се синхронизирани во овој случај и одат на варијанта дека народот е премногу изгорен од инфлациите во СФРЈ и сега, со тоа што тврдат дека курсот на денарот со години е стабилен, се обидуваат тоа нам да ни го претстават како позитивна работа, а всушност тоа е најштетното нешто за македонската индустрија и тука лежи коренот зошто имаме огромна невработеност во Македонија“, вели тој.

Витанов вели дека долгорочна последица од дефлацијата може да биде целосно неконкурентна увоз, објаснува Витанов.

Кај нас дефлацијата е предизвикана од увозните цени на нафтата и на некои основни прехранбени производи коишто ние ги увезуваме. Од тој аспект, за нас е поволно што увезуваме поевтини такви производи и тоа има поволен ефект врз надворешно трговската размена.
Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

„Може да се случи извозно ориентираните претпријатијата и да го запрат производството додека имаме ситуација на дефлација. При дефлацијата драматично многу губи секоја индустрија, зборувам за извозно ориентираните индустрии, драматично многу губат. Тука не може никој друг освен таканаречените паразити во системот, банките, посредниците, само тие може да ќарат од дефлацијата, реалниот сектор е во ужасна загуба“, вели Витанов.

Според гувернерот Богов, дефлацијата во земјава има поволен ефект, затоа што домашната побарувачка е здрава и расте, а во Македонија станува збор за различна ситуација од онаа во ЕУ.

Она што мене ме изненадува е што немаше драстично намалување на цените на транспорт што уште еднаш укажува дека пазарните сили во земјава не влијаат и е уште една индикација за неефикасна пазарна економија во Република.
Маријан Николов, економски аналитичар.

„Теоретски да, дефлацијата не е добра за економијата, меѓутоа кога е предизвикана од домашни фактори. Кај нас дефлацијата е предизвикана од увозните цени на нафтата и на некои основни прехранбени производи коишто ние ги увезуваме. Од тој аспект, за нас е поволно што увезуваме поевтини такви производи и тоа има поволен ефект врз надворешно трговската размена“, вели Богов.

Марјан Николов од Центарот за економски анализи смета дека во моментов преовладува трендот на намалени цени на производи кои се увезени во Македонија.

„Она што мене ме изненадува е што немаше драстично намалување на цените на транспорт што уште еднаш укажува дека пазарните сили во земјава не влијаат и е уште една индикација за неефикасна пазарна економија во Република“, вели Николов.

Тој оценува дека станува збор за краткорочни трендови коишто не се загрижувачки, затоа што оваа краткорочна дефлација која постои во Македонија е од увозен карактер и во оној момент кога ќе се стабилизираат цените на нафтата, тогаш работите би се вратиле во претходниот тек.

Економските аналитичари сметаат дека последиците од моменталната негативна инфлација може да се почувствуваат доколку трае подолго време и кога потрошувачите ќе почнат да ги одложуваат потрошувачките одлуки чекајќи дополнително намалување на цените.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG