Достапни линкови

Дедо Љубе може да биде ослободен ако судски се докаже нужна одбрана


Фејсбук кампања за ослободување на старецот Љубе Митев кој е обвинет за убиство во нужна одбрана.
Фејсбук кампања за ослободување на старецот Љубе Митев кој е обвинет за убиство во нужна одбрана.

Законски е возможно 75-годишниот Љубомир Којков од кратовското село Којково, односно популарниот Дедо Љубе, да добие ослободителна пресуда доколку одбраната го убеди судот дека во случајот се работи за нужна одбрана, вели членката на коалицијата за правично судење и адвокат Ивана Јакимовска, која се понуди и за бесплатна правна помош во случајот. Дедо Љубе е обвинет за убиство на еден од напаѓачите на неговиот дом. Според неа, иако има многу случаи на нужната одбрана, тие тешко се докажуваат и потребна е измена во законот.

Госпоѓо Јакимовска, во јавноста има сè поголема поддршка за ослободување на дедо Љубе. Дали законски тоа е возможно?

Законски, секако дека е возможно, доколку одбраната при правилно докажување на фактичка состојба го убеди судот дека овде станува збор за примена на член 9 од Кривичен законик, односно дека се работи за нужна одбрана. Мораме да напоменеме дека тоа е институт што ја исклучува противправноста на делото, а доколку недостасува противправноста како еден од елементите на казненото дело, воопшто не може да стане збор ни за казнено дело, затоа што нашиот кривичен закон е прецизен во членот 9 став еден кога вели дека не е кривично дело, она што е сторено во нужна одбрана.

Колку во земјава често има случаи на нужна одбрана и како тие најчесто завршуваат?

Кај нас случаите на нужна одбрана се честа појава во македонското кривично правосудство и практика, меѓутоа процентот на докажување е доста мал, односно минорен. Не верувам лично по мое убедување и по она што јас го гледам секојдневно во судските кулоари дека тој процент би изнесувал повеќе од 5 до 10 проценти од коишто на докажани случаи на нужна одбрана, најчесто што се квалификуваат под став 3 од овој член, како пречекорување на границите на нужната одбрана каде што се променуваат одредбите за ублажување на казната или евентуално ослободување од казна.

Најчесто какви казни добиваат оние кои се осудени за пречекорување на нужна одбрана?

Нужната одбрана е институт кој ја исклучува противправноста, не може да добие казна, тоа е ослободување, меѓутоа морам да напоменам она што мене како адвокат едноставно ми смета во секојдневната судска практика и она што јас како адвокат би посакала нашите законодавни комисии да имаа слух да воведат еден нов став во овој член 9 кој би се состоел во следново: доколку нападот е извршен на територија на домот на нападнатиот и експлицитно да се наведе експлицитна употреба на сила која секогаш за последица ќе има исклучување на противправноста, а со тоа ќе нема ни казнено дело, затоа што да не заборавиме дека во конкретниов случај кај Дедо Љубе, токму тоа е сторено, дури неговата сопруга по трагичниот настан ги изгубила своите вокални способности за комуницирање. Зарем тоа не е доволно да се воведе овој нов член, всушност да се воведе нов став во овој член, впрочем тоа е насекаде во западната пракса и постои, затоа што тие имаат и право каде што е дозволено и легална употреба на сила, меѓутоа да не впливаме во нешто друго, таа легална употреба на сила е само доколку во домот на нападнатиот е употребена сила, а со тоа ќе нема ниту казнено дело, затоа што ќе имаме исклучување на противправноста. Затоа сметам дека во нашиот законик овој став на овој член би требало да се додаде затоа што секако секој би се замислил пред употребата на сила, затоа што ние имаме неспоредливост на нарушување на станот, меѓутоа тоа е во сосема друга насока.

Велите дека мал е процентот на оние кои го добиле случајот како нужна одбрана. Зошто е тоа така?

Затоа што по дифолт некако секогаш кога застапникот на обвинението е во дилема дали постои дело или не за да опстои обвинението, секогаш одат дека е убиство во миг, затоа што тоа е во тенка корелација со нужната одбрана кое што се исклучува едно со друго. Доколку постои убиство на миг не може да постои нужна одбрана. Тука е одбраната која треба да докаже дека не постои убиство на миг, меѓутоа постои нужна одбрана што ја исклучува проптивправноста, а со тоа ќе нема ни казнено дело, затоа што, да расчистиме една работа, меѓу свесното и несвесното и евентуалната небрежност и свесната небрежност постои толку тенка линија којашто е назамислива, којашто е тешко да се докаже.

Според вас, потребни се измени во законот кој ги третира ваквите кривични дела?

Според мене лично да, затоа што навистина доколку би се додал овој нов став во членот 9, сметам дека би се намалиле злосторствата и не верувам дека некој би се дрзнал да употреби сила и да го нападне домот на нападнатиот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG