Достапни линкови

Владата попушти под студентскиот притисок – Ќе се носи нов закон


Работна средба за нов закон за високо образование.
Работна средба за нов закон за високо образование.

Ректорот Велимир Стојковски рече дека е договорено да се изготви нов закон за високо образование. Студентите вечерва ќе одлучат дали ќе продолжат со „окупацијата“ на факултетите.

Власта попушти пред барањата на студентите - ќе се изработува нов закон за високо образование. Ова беше договорено попладнево на втората средба меѓу раководството на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Владата и Министерството за образование и Студентскиот и Професорскиот пленум, што се одржа во Ректоратот на УКИМ. Студентите вечерва ќе одлучат дали ќе продолжат со „окупацијата“ на факултетите.

Со овој начин на работа ќе се создаде една конструктивна атмосфера за, навистина, сите чинители да го дадат својот прилог кон изработка на еден квалитетен текст, којшто ќе биде применлив за сите и којшто ќе нè однесе во Европа.
Велимир Стојковски, ректор на УКИМ.

Ректорот Велимир Стојковски рече дека заеднички е одлучено да се изготви нов закон за високото образование, прво затоа што постоечкиот за шест години е менуван 15 пати и второ, заради подигнување на квалитетот и на нивото на знаењето на студентите. Тој рече дека ќе се формираат работни групи, во кои ќе членуваат претставници на засегнатите страни кои учествуваа и на досегашните состаноци, што за 30 до 45 дена треба да го изработат концептот на новиот закон. Потоа ќе се организира конференција по што ќе се изработува текст на законот, кој ќе биде даден на јавна расправа, за да се формира конечниот предлог закон.

Заклучоците од средбата ќе ги пренесеме на нашиот вечерашен Генерален пленум на кој ќе се одлучи и ќе излеземе со став подоцна вечерва.
Ивана Туфекџиќ, Студентски пленум.

„Со овој начин на работа ќе се создаде една конструктивна атмосфера за, навистина, сите чинители да го дадат својот прилог кон изработка на еден квалитетен текст, којшто ќе биде применлив за сите и којшто ќе нè однесе во Европа со оние критериуми коишто се воспоставени во европскиот образовен простор“, рече Стојковски.

Тој не одговори директно на прашањето дали во новиот предлог закон ќе биде предвидено надворешно тестирање, односно државен испит за студентите, туку рече дека сето тоа ќе произлезе од концептот на новиот закон, кој треба да ги реши сите отворени прашања. Тој апелира до членовите на Студентскиот и на Професорскиот пленум да им се вратат на обврските.

Ја добивме битката, но не и војната. Дури сега ќе почне да се пишува новиот закон, а во меѓувреме нема да ги забораваме ниту останатите проблеми во образованието како лошите студентски домови, привилегираноста на одредени личности, непотребните давачки како ИКСА, корумпираните студентски парламенти.
Студентски пленум.

Ивана Туфекџиќ од Студентскиот пленум по средбата рече дека тие вечерва треба да одлучат за нивните наредни чекори.

„Заклучоците од средбата ќе ги пренесеме на нашиот вечерашен Генерален пленум на кој ќе се одлучи и ќе излеземе со став подоцна вечерва. Ние тука бевме само делегати, претставници на Студентскиот пленум кои требаше да го изнесат барањето на средбата. Нашето барања е прифатено“, рече таа.

Во меѓувреме, Студентскиот пленум соопшти дека автономијата на универзитетот е одбранета, дека ова е победа и нема сила што ќе го сопре гласот на студентите, но оти не запираат тука.

„Владата потклекна на нашите разумни барања и конечно добивме простор за пишување на нов интегрален закон за високо образование. Ја добивме битката, но не и војната. Дури сега ќе почне да се пишува новиот закон, а во меѓувреме нема да ги забораваме ниту останатите проблеми во образованието како лошите студентски домови, привилегираноста на одредени личности, непотребните давачки како ИКСА, корумпираните студентски парламенти“, се наведува во соопштението на Студентскиот пленум.

На денешната средба присуствуваа претставници на Ректорската управа и Универзитетскиот сенат, заменик-претседателот на Владата Зоран Ставрески, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменикот Спиро Ристовски и претставници на пленумите на професорите и студентите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG