Достапни линкови

Реформите во „крив правец“


Промените во образованието и во здравството, кои иако секојдневно се случуваат, повеќе имаат козметички отколку суштински ефект. Во некои случаи се направија и грешки кои имаа фатален исход, а тоа деновиве е актуелна тема во здравството. Проблемите во образованието кулминираа со студентскиот отпор и „окупацијата“ на факултетите.

Со која одважност би излегол министерот да зборува за реформите во здравството кога има семејства кои се погодени од ситуации во кои грижата за животот на пациентите затајува во лавиринтите на административната бирократија и несовесното работење, прашуваат експертите. Причината за овој коментар е што се дозволија фатални грешки меѓу кои и последниот случај на малата Тамара кога нејзиниот живот згасна како последица на уште една грешка таму каде што не смеат да се случуваат, бидејќи се работи за човечки животи. И покрај итноста на дијагнозата што ја процениле самите доктори, таа не ги доби потребните пари на време за да отиде да се лекува во странство.

Се гледа дека докторите почнаа да личат на судиите, за жал некои од нив, не ја слушаат струката, туку од страв ја слушаат власта, каде што викаат – од горе ни кажаа што да направиме, тоа е крај за струката. Човек треба да си ја држи струката, нема „се јавија од горе“ кога се работи за живот на човек. Работата е стигната до таму, што случајот со Тамара баш го одразува тоа.
Никола Пановски, доктор.

Од тука, многу проекти како праќање доктори на специјализација во странство и низа проекти кои вклучуваат модернизација на здравствениот систем го губат своето значење за многу граѓани кога гледаат дека одговорните не може да детектираат и да излезат во јавноста и да кажат каде се направени пропусти.

Доктор Никола Пановски, кој има искуство и како поранешен директор на Фондот за здравство, за последниот трагичен настан со малата Тамара причината ја детектира во исполитизираноста на здравствениот систем.

Дефинитивно станува збор за системски проблеми коишто треба системски да се решат. Системски ќе се решат кога првиот човек ќе покаже капацитет и слух за сериозно прифаќање на нештата.
Лилија Чолаковска, претседател на Здружението на приватни лекари.

„Се гледа дека докторите почнаа да личат на судиите, за жал некои од нив, не ја слушаат струката, туку од страв ја слушаат власта, каде што викаат – од горе ни кажаа што да направиме, тоа е крај за струката. Човек треба да си ја држи струката, нема „се јавија од горе“ кога се работи за живот на човек. Работата е стигната до таму, што случајот со Тамара баш го одразува тоа“, вели доктор Никола Пановски.

Починатата Тамара Димовска.
Починатата Тамара Димовска.

Мислам дека е чисто административно, бирократски.
Спасе Јовковски, доктор.

Експертите сметаат дека хаотична состојба во здравството и покрај напорите да се прават реформи е резултат на немањето стручност во ресорите со кои се раководи. Имаше нелогични ротации од едно во друго министерство. Тодоров, кој беше министер за образование, потоа го зеде челното место во Министерството за здравство. Станува збор за ресори за кои е потребно знаење, стручност и долгогодишна упатеност во проблематиката. Дискутабилно е дали со здравството, како еден од поспецифичните ресори, може да раководи личност која е надвор од фелата. Здравствените работници повторуваат дека само кадри од нивните кругови ги познаваат состојбите во овој сложен систем.

Лилија Чолаковска, претседател на Здружението на приватни лекари и специјалист по семејна медицина, посочува дека здравствените работници имаат потреба да бидат слушнати од министерот за да ги решат суштествените проблеми кои ги тангираат пациентите и лекарите, а министерот да ги делегира тековните работи на неговите помошници, бидејќи има приоритети кои не смеат да бидат игнорирани.

Дебатата која Студентскиот пленум ја отвори во јавноста околу државниот испит го натера Министерството за образование и наука дури после девет години да признае дека образованието во Македонија е на катастрофални позиции и дека дисперзираните студии само го мултиплицирале лошото образование наместо да го подобруваат.
Марјан Забрчанец, поранешен директор на МОФ.

„Дефинитивно станува збор за системски проблеми коишто треба системски да се решат. Системски ќе се решат кога првиот човек ќе покаже капацитет и слух за сериозно прифаќање на нештата. Сè додека имаме обратна ситуација, во којашто имаме сестри кои пушеле и доктори кои спиеле кога немало пациенти и тогаш испаѓа првиот човек и ги критикува, а кога имаме ситуација во која имаме тепани доктори, како што беше нападнат докторот во Велес или кога беше нападнат стоматолог, а не излегува министерот, тогаш сметам дека сум јасна што кажувам. Министерот треба да ги брани нашите права пред владата, а на да ги напаѓа докторите и докторската фела“, вели Лилија Чолаковска, претседател на Здружението на приватни лекари.

Во последниот момент имаше неколку клучни чекори коишто беа под секаква логика, како што е воведувањето на така наречениот државниот испит, односно екстерното за високо образование, кој што не постои во ниту еден систем.
Ненад Новковски, поранешен министер за образование.

Дека политичките одлуки премногу навлегле во здравството, односно политиката почнала да го владее здравството, зборуваат низа случаи кои одекнаа во изминатиот период во медиумите, не оставајќи никого рамнодушен. Секој од нас си го поставува прашањето за етиката во професијата и Хипократовата повелба и дали тие вредности се изгубени.

„Имавме и случај кога зашија ректум со вагина, па кажуваа дека така треба, замислете до кај стигнаа докторите да почнат да ги слушаат нестручните политичари како да лекуваат, тоа е катастрофа, до таму е стигнато со тој систем на страв, на казни, на закани. Нема ни дебата веќе во медицинските кругови и стручна расправа, се чека некој од горе да им каже што да прават во такви случаи, што е навистина трагично“, вели доктор Никола Пановски.

Најновите измени го немаат мапирано проблемот на високото образование и дека не го решаваат проблемот без стручна анализа.
Владимир Делов, Студентски пленум.

За случајот со Тамара, пак, во јавноста се отворија дилеми дали станува збор за административна грешка, нестручно работење на Фондот, политика на штедење пари или на недоследности во правичната распределба на парите. Доктор Спасе Јовковски од Неврохирургија, смета дека случајот на Тамара е последица на административно бирократски пропуст.

„Мислам дека е чисто административно, бирократски. Не треба никаква реформа за тоа, има закон, има правилници, има комисии, има деловници за работа на комисиите. Постапката требало да биде побрза, поефикасна“, вели доктор Спасе Јовковски.

Студентите се соочуваат и со други проблеми, на пример студентските домови, нешто што е загрижувачки како државата ја третира својата академска иднина.
Дарко Малиновски, Студентски пленум.

Доктор Пановски вели дека на здравството му се потребни суштински реформи, а не козметика. Тој оцени дека условите на работа на Фондот се разликуваат од планираните со стратегијата. Од областа на осигурувањето требаше да се направи реформа Фондот да биде на осигурениците, каде тие преку управен одбор ќе решаваат каде треба да се трошат средствата. Моментално Фондот и финансиски и раководно е под надлежност на владата, вели Пановски, оценувајќи дека треба да се направи исто така дополнително здравствено осигурување, а тоа значи, покрај основниот, да има и дополнителен пакет. Проблем, според него, претставуваат и партиските вработувања.

„Човек нема ни време да ги прочита сите закони, а камоли да види како се спроведуваат, секојдневни се промените иако мислам дека суштинските промени не се направени. Има стратегија за здравство, таму од тоа што се прави нема ништо, иако оваа власт ја усвоила во 2007 година. На пример непотребната администрација во здравството, која го јаде здравството. Триесет отсто од вработените во здравството се администрација, за нив не важи ни плаќање по учинок, ни казни, значи здравството врши некоја социјална функција да обезбеди некои вработувања на луѓе кои немаат врска со здравството. Тоа е суштинска реформа, сега зборуваме за суштински реформи, ова другото е сè козметика, како ќе се облекувале, кога ќе дошле, кога ќе си отишле, тоа не е работа на министер, тоа е работа на раководството на болницата“, вели доктор Пановски.

Не можеме да направиме некоја анализа за стратегија во осум години поради тоа што во овие осум години законите беа променети и тоа многу често.
Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.

Претседателката на Здружението на приватни лекари смета дека се неопходни сериозни реформи во здравствениот систем, оценувајќи дека многу нешта се променети, но дека работи кои сериозно треба да се променат се начинот на плаќањето, потоа прегледите и особено движењето на парите и следењето на парите на пациентите што се уплаќаат во здравството.

„Да се каже за што и колку пари на кого му следуваат, така е во цел свет. Да бидеме поекспедитивни, заради тоа што сепак живееме во електронско здравство, институциите треба и организационо да се сменат. Сите доктори реагираат на нешто, се жалат на грешки, на казни, на премногу рецепти, плаќањето по учинок кое беше и на терцијарно и на секундарно ниво, реакции имаше бројни, така што сметам дека за да не се случуваат вакви нешта Министерството за здравство треба малку повеќе да ги слуша докторите и професионалците кога кажуваат дека нешто не е во ред и сериозно да се занимаваме со медицина, наместо да менуваме закони секој ден“, вели Чолаковски.

Експлодира незадоволството во образованието

Честите промени на законите, но и ротациите на ресорните министри, иницираа неефикасен систем и во образованието, а овој ресор годинава претрпе најмногу потреси кои резултираа со незадоволство и во редовите на професорите во високото образование и меѓу студентите, а погодени од измените што се преземаат беа и наставниците и средношколците. Ставот на дел од експертите, дека ниту една власт не може да биде победник во битката против интелигенцијата е евидентен преку формирањето на Студентскиот пленум и окупацијата на дел од факултетите на Универзитетите, каде студентите си направија автономија со тоа јасно ставајќи до знаење дека не ги признаваат реформите.

Аналитичарите сметаат дека станува збор за низа реформи кои содржеа во себе суштински пропусти, почнувајќи од т.н. дисперзирани студии, казни за наставниците за екстерното оценување кои се доживуваат како лично атакување врз независноста на наставниците во осмолетките и средните училишта. Владата и покрај незадоволството продолжи да носи закони сè додека не го доби вистинскиот отпор со студентите од каде дојде големото „НЕ“ на сите промени како домино ефект на акумулираните проблеми во образованието.

Марјан Забрчанец, поранешен директор на МОФ, е дециден во ставот дека студентите од Пленумот се недвосмислени со нивната порака, која вели стоп за лошите реформи во образованието. Тој истакна дека оваа порака беше испишана на еден од главните банери додека излегуваа на протести.

„Новиот активизам што го донесе Студентскиот пленум на површина извади аргументи кои покажаа дека всушност и власта признава дека нејзините реформи се лоши. Дебатата која Студентскиот пленум ја отвори во јавноста околу државниот испит го натера Министерството за образование и наука дури после девет години да признае дека образованието во Македонија е на катастрофални позиции и дека дисперзираните студии само го мултиплицирале лошото образование наместо да го подобруваат. Студентскиот пленум на недвосмислен начин покажа дека ваквите позиции на власта се уште еден чекор во процесот на воведување на лоши реформи“, вели Забрчанец.

Според поранешниот министер за образование Ненад Новковски, ова што се случува со промените во регулативата во високото образование има неколку аспекти. Тој посочува дека дел од промените биле во насока на усогласување со европската регулатива, но дека дел биле недоволно осмислени.

„Во последниот момент имаше неколку клучни чекори коишто беа под секаква логика, како што е воведувањето на така наречениот државниот испит, односно екстерното за високо образование, кој што не постои во ниту еден систем, ниту е нешто што е мејнстрим, што постои во некои угледни образовни системи и тоа е клучното промашување што беше направено во последно време“, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски.

Владимир Делов од Студентскиот пленум коментира дека нивното движење е реакција на тоа што реформите за нив се про форма, а дека за државниот испит претходно немаше никаква сериозна расправа на факултетите.

„Најновите измени го немаат мапирано проблемот на високото образование и дека не го решаваат проблемот без стручна анализа и без укажување, без лоцирање на проблемите“, вели тој.

Дарко Малиновски од Студентскиот пленум очекува со реакциите да одат до крај во решавање на повеќе проблеми со кои се соочуваат во текот на студиите. За државниот испит вели дека немаше никаква сериозна расправа и оти факултетите биле затекнати од измените што се прават.

„Меѓутоа студентите се соочуваат и со други проблеми, на пример студентските домови, нешто што е загрижувачки како државата ја третира својата академска иднина, така што, не е моја лична одлука да кажувам што понатаму, после овој проблем, меѓутоа веројатно е дека пленумот се заинтересира да ги решава и тие проблеми. Студентите се движечката сила која треба да ги издејствува промените и кога нешто се прави што ги тангира и нив, тие мора да бидат активен учесник во одлуките кои што се донесуваат“, вели Малиновски.

Забрчанец е уверен дека без разлика од крајниот исход на оваа т.н. битка меѓу студентите, интелигенцијата и власта, на краток рок победата е веќе постигната, нагласувајќи дека со оваа битка почнува да се буди граѓанското општество.

„Студентските активисти, студентското движење, воведоа нов тренд во граѓанскиот активизам, нова лекција за демократијата во Македонија. Власта може да ја добива битката со интелигенцијата на краток рок и на кратки патеки, но со секоја нејзина добиена ад-хок битка се придонесува за покатастрофален пораз на долг рок. Имено, ова не е само битка на власта со интелигенцијата, ова е битка во која граѓанството се прекршува од внатре и се буди“, вели Забрчанец.

Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити анализира дека превирањата кои годинава го одбележаа образованието како еден од најчувствителните проблеми во државата се резултат на погрешни политики водени години наназад, а тоа е евидентно и со честите ротации на министри.

„Не можеме да направиме некоја анализа за стратегија во осум години поради тоа што во овие осум години законите беа променети и тоа многу често, што јас лично, иако бев упатен и сум упатен во така наречената Стратегија за реформа во образованието, сметам дека веќе многу нешта се изменети и барем мојот впечаток е дека тие реформи кои беа започнати во времето кога јас бев министер за образование, не можеме веќе да разговараме за истите реформи“, вели Рушити.

Новковски нагласува дека државата е одговорна за квалитетот на образованието, обезбедувајќи средства и ресурси и дека владата не треба да се меша во квалитетот на работата на стручната фела.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Поврзано

XS
SM
MD
LG