Достапни линкови

Поплавите ги сотреа земјоделците


Илустрација, поплави во прилепско.
Илустрација, поплави во прилепско.

Годинава род нема да има, животните се разболени, глодарите ги нападнаа домовите, а има наезда и од влекачи, се жалат земјоделците од долненските села.

Шеесет и тригодишниот Зоран Талески од долненското село Новоселани стравува за својата егзистенција, особено откако поплавите го зафатија целосно атарот на селото. Неговото седумчлено семејство живее само со приходи од земјоделство. Но, јачменот сега е уништен речиси 80 отсто, а житото и над 60 отсто.

Жито годинава нема да има, има голема влага тешко дека ќе можеме да изораме и расад да посееме, тешко, тешко и тутунот се уште не ни е предаден, по 45-60 денари не се издржува.
Зоран Талески, земјоделец.

„Жито годинава нема да има, има голема влага тешко дека ќе можеме да изораме и расад да посееме, тешко, тешко и тутунот се уште не ни е предаден, по 45-60 денари не се издржува. Би требало сами тие да речат дека оштетени се производителите треба да им се помогне. Еве субвенции не ни дадоа ни за добитокот, со што ќе ги прехраниме, а сено еве снемува“, се жали Талески.

Големи се маките и на неговиот соселанец Здравко Илиески. Стадото е болно, лек нема, а сега поплавите му го уништија и јачменот и житото. Разочаран од сè, тој не ни очекува помош од државата.

Во Институт пративме мостра под мој товар да биде, а до лани тоа го исплаќала државата, сега кај оштетен, уште 100 евра за испитување треба да платам. И годинава сум тотално во пропаст, нема за леб да извадам.
Здравко Илески, земјоделец.

„Претежно јачменот може да дојде и до 80 отсто до гинење. Јас како личност од државата не очекувам ништо, оти стоката ми е начисто разболена, а не идат ни ветеринари, ништо не доаѓа, во Институт пративме мостра под мој товар да биде, а до лани тоа го исплаќала државата, сега кај оштетен, уште 100 евра за испитување треба да платам. И годинава сум тотално во пропаст, нема за леб да извадам“, вели Илиески.

Голем проблем на жителите во општината се и глодарите. Во текот на есента полето беше преполно, сега со поплавите велат повлечени се во домовите.

„А, глодарите сега по таваните се. Еве и добитокот се заразува, ги има насегаде, по сеното, по зобта, шетаат глодарите насекаде и со нив имаме проблеми доста“.

„Се имаат повлечено од полето кон домовите, но некако се справуваме“.

Во некои долненски села, водата од поплавеното поле ги раздвижи змиите и смоковите.

„Има изолирани случаи на појава на влекачи, конкретно во населено место Секирци, има појава на неколку смокови. Апелирам до жителите на населените места при таква појава на влекачи да се обратат во Општината за да интервенираат стручни служби“, вели градоначалникот Боше Милошески. Во консултација со надлежни служби, како што вели Милошески, ќе се разгледаат можностите, доколку има потреба да се изврши и дератизација.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG