Грчкиот премиер Алексис Ципрас за германскиот магазин Штерн изјави дека на Атина и треба време за да ја спроведе нејзината програма на реформи и да се ослободи од лошото раководење во минатото.
Тој притоа изрази надеж оти на преговорите со европските партнери ќе биде постигнат договор за ова.
„Ви ветувам дека Грција по шест месеци ќе биде целосно поинаква земја“, вели Ципрас.
Во меѓувреме, во празнична атмосфера во Атина се одржаа протести на кои некои носеа транспаренти на кои пишуваше „Нема жртвување за долгови и евра“ и „Стоп за Меркел, старт за демократијата“.
„Сакаме да и дадеме поддршка на владата пред преговорите. Европа мора да сфати дека без солидарност меѓу земјите не може да издржи ни таа самата. Европа е создадена од народи, не од банкари“, вели 50 годишниот инженер Димитрис Василакис, додавајќи дека Грците го дофатиле дното и затоа сега се толку решителни.
Демонстрантите велат дека ја поддржуваат влада во нејзиниот цврст став да ги отфрли натамошните остри мерки за штедење.
Сакаме да и дадеме поддршка на владата пред преговорите. Европа мора да сфати дека без солидарност меѓу земјите не може да издржи ни таа самата. Европа е создадена од народи, не од банкари.Димитрис Василакис, инженер од Атина.
„Барем нека се најдат некаде на половина, па навистина нешто да се случи за да можеме да работиме и да добиваме пристојна плата, да ги растеме децата со гордост и да се чувствуваме како луѓе“, вали Елини Мелити од Атина.
Со неа се согласуваат и другите учесници на протестот кои велат дека владата ја има поддршката на народот и оти било време да се стави крај на економското лудило во Грција.
Слични протести беа одржани и во неколку други градови во Грција, но и во Европа, меѓу нив во Лондон Амстердам и Париз.
Резултатите од анкетата спроведена минатата недела покажуваат дека 79 отсто од Грците ја поддржуваат политиката на владата на Ципрас, додека 74 отсто веруваат дека нејзината стратегија за преговори ќе успее.
Со исто уверување и владата чиј портпарол Габриел Сакелардис изјави дека Грција се согласила со нејзините европски партнери дека е неопходно да се направи национален план на реформи со цел да се надмине долгорочната економска криза.
Сепак, тој додаде дека новата влада нема да се судрува со домашната јавност врз основа на некои наредби од надвор.
„Грчката влада е решена да се држи до своите ветувања до јавноста и да не ја продолжи програмата која беше поврзана со финансискиот пакет за спасување на земјата“.
Тој додаде дека во секој случај новата влада ќе најде начин за да функционира банкарскиот систем со цел да дојде до економски развој на Грција