Достапни линкови

„Бомбата“, Тамара и студентите ги окупираа весниците


Прислушувањето на над 20 илјади граѓани за кое обвини опозицијата, смртта на Тамара која не успеа да ги добие потребните средства за операција во Турција, како и „окупацијата“ на Универзитетот од страна на студентите, се настаните за кои анализираат медиумите.

„Повеќе од 20.000 граѓани неовластено прислушувани, следена комуникацијата на сите поважни луѓе освен на Никола Груевски и Сашо Мијалков, аудиоснимка од разговор меѓу министерката Јанкулоска и нејзиниот колега Ставрески, Заев обелодени досега невиден скандал во поновата македонска историја!“, наслови во понеделникот Слободен печат.

Од каде се слуша детонацијата најдалеку - по „експлозијата“ нема најави за враќање на опозицијата во Собранието.
Нова Македонија.

За истиот случај, Утрински излезе со наслов:„Бомбата пукна со аудиоленти“, а Дневник со оценка за изнесеното: „Терор и сеење страв: сите ве имам на снимка!“. Вечер, откако СДСМ поднесе кривична пријава против Сашо Мијалков и Горан Груевски, во средата, во наслов само забележува: „Повторно фатени во лага: единствен оштетен од наводното прислушување е Заев - каде исчезнаа 19.999 наводно прислушувани граѓани?“.

Утрински ја објавува реакцијата на владејачката партија пренесена преку соопштение: „Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека конечно очајот, алчноста и недостатокот на капацитет на Заев добиваат свое финале“.

Министерот Тодоров бил разочаран, но не се чувствувал одговорен за смртта на малата Тамара!?
Слободен печат.

Нова Македонија пишува: „Од каде се слуша детонацијата најдалеку - по „експлозијата“ нема најави за враќање на опозицијата во Собранието“. Инаку, „Веста за прислушувањето го обиколи светот“, забележува Утрински, а Нова Македонија го следи грчкиот печат: „Политички земјотрес во Скопје“. Весникот додава дека дел од медиумите не заземале страна, а дел користеле ултранационалистичка реторика. Утрински пренесува текст од угледниот германски Франкфуртер алгемајне цајтунг, каде што под наслов „Голема прислушувачка офанзива“, новинарот се прашува: „Дали шефот на македонската влада ја прислушува целата елита во неговата држава?“ и дека „од аспект на европските вредности Македонија, во овој момент, се чини загубена“. Слободен печат, од истиот текст ја вади констатацијата дека „И шефот на Штази, Ерих Милке, би се гордеел со Груевски и Мијалков!“

Сите медиуми известуваа за смртта на малата Тамара, чии родители не успеаја да ги добијат потребните средства за операција во Турција. Слободен печат оди со наслов: „Министерот Тодоров бил разочаран, но не се чувствувал одговорен за смртта на малата Тамара!?“. Утрински го пренесува статусот на Фејсбук напишан од мајката на Тамара: „Ве молевме за помош, вие молчевте“.

Се чини дека продолжуваат трошењета на владини реклами: Слободен печат насловува: „За да нè научи да штедиме на лекови, Владата ќе „списка“ 500.000 евра!?“

Трет „јак“ настан во државава Македонија: студентите не попуштаат, сакаат целосно укинување на новиот закон за високо образование: „Студентите го „окупираа“ Универзитетот - со ранци и вреќи за спиење влегоа во зградите на три факултети прогласувајќи академска „слободна зона“, објави Утрински. На повидок и нова афера која ќе ги преокупира граѓаните: Дневник прашува „Кои се 9-темина Македонци со милионски суми на швајцарските сметки?“. Според весникот, обвинителството ќе трагало по нив.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG