Достапни линкови

ФЗО „се пере“ од одговорност за смртта на малата Тамара


Починатата Тамара Димовска, 9-годишно девојче со вроден деформитет на рбетниот столб. Фото: ТВ Телма.
Починатата Тамара Димовска, 9-годишно девојче со вроден деформитет на рбетниот столб. Фото: ТВ Телма.

Во Фондот за здравство велат дека во декември минатата година било одлучено операцијата на деветгодишната Тамара Димовска да се изврши во Турција, а датумот за операцијата требало да се утврди деновиве.

Фондот за здравство бега од одговорност за смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која не ја дочека долго најавуваната операција и утринава почина.

Јас излегов на прес-конференција баш поради тоа што некои од вас кажаа дека Фондот е директен причинител за смртта на малата Т.Д. Јас можам да ви гарантирам дека не е.
Бранко Аџигогов, портпарол на ФЗО.

Портпаролот на Фондот за здравство Бранко Аџигогов на денешната прес-конференција рече дека во декември минатата година било одлучено операцијата на малата Тамара да се изврши во Турција, а датумот за операцијата требало да се утврди деновиве. Тој рече дека ако родителите на починатото девојче сакаат да иницираат постапка за одговорност, тоа може да го сторат пред надлежните институции.

На новинарските прашања кој потфрлил во случајот, Аџигогов повторуваше дека случајот бил позитивно решен и оти се чекал датум за операција.

Го разгледавме случајот, таму се веќе направени шест операции, побарано е да се направи седма операција во странство и од страна на државата ќе биде дозволена таа операција и девојчето ќе биде упатено на лекување во странство.
Никола Тодоров, министер за здравство(изјава на 21.11.2014)

„Јас излегов на прес-конференција баш поради тоа што некои од вас кажаа дека Фондот е директен причинител за смртта на малата Т.Д. Јас можам да ви гарантирам дека не е“, рече Аџигогов.

РСЕ: А кој е?

„Тоа треба да се утврди“, одговори тој.

Архивска фотографија: Никола Тодоров, министер за здравство.
Архивска фотографија: Никола Тодоров, министер за здравство.

Аџигогов не одговори конкретно на новинарско прашање дали Фондот за здравство има добиено допис од Министерството за здравство сите случаи на пациенти со сколиоза да не се препраќаат во странство, туку да се чека пуштањето во употреба на Сколиоза центарот во Скопје, туку само кусо одговори дека треба да провери дали има таков допис.

Нема како во минатото да плаќа висока партиципација, туку максимум 200 евра ќе биде партиципацијата, независно дали за лечењето државата треба да плати 5 илјади или 10 илјади евра или 20 или 50 или 100 или 200 или 300 илјади евра. Неговата партиципација не може да биде поголема од 200 евра.
Никола Груевски, премиер(говор одржан на 21.04.2014)

„Законот наложува, доколку се изведува интервенција во јавното здравство, да треба да биде изведена во јавното здравство“, рече тој.

Деветгодишната Тамара Димовска имаше вроден деформитет на ‘рбетот. Нејзиниот случај се влечеше цели три години. Институциите не можеа да се договорат каде ќе се оперира девојчето, а за тоа време нејзината здравствена состојба се влошуваше. Пред една година доктор од Хрватска ја отстрани металната шипка која беше прикачена за рбетот на ова девојче. Таа ја одржуваше исправена, но стана прекуса за нејзината висина и правеше дополнителни проблеми. Семејството Димовски немаше 30 илјади евра за нова операција и стравуваше дека Тамара засекогаш ќе остане инвалид.

На почетокот на ноември, Фондот за здравство одби да и одобри пари за нова операција во странство, но по притисокот од медиумите, министерот за здравство Никола Тодоров на 21 ноември минатата година изјави дека државата ќе го плати лекувањето на малата Тамара.

„Го разгледавме случајот, таму се веќе направени шест операции, побарано е да се направи седма операција во странство и од страна на државата ќе биде дозволена таа операција и девојчето ќе биде упатено на лекување во странство“, рече Тодоров.

Новинар: Ќе и се помогне финансиски така?

„Не, туку комплетно ќе се плати“, рече Тодоров пред 2,5 месеци.

Во меѓувреме, гневните граѓани преку социјалните мрежи бараат оставки од министерот Тодоров и директорите на Фондот за здравствено осигурување. Хелсиншкиот комитет реагира дека „малолетната Тамара е директна жртва на неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на Фондот за здравствено осигурување“. Тие соопштија дека доколку не биде преземена одговорност од страна на раководните лица во Министерството за здравство и во ФЗО, „Хелсиншкиот комитет ќе поднесе кривични пријави против директорката и членовите на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување за несовесно работење во службата, а доколку постои согласност од страна на родителите ќе биде поднесен предлог за кривично гонење против одговорните лица во Министерството за здравство.

Премиерот Никола Груевски, на предизборен митинг одржан на 21 април минатата година се пофали дека е донесен закон сите граѓани кои ќе добијат мислење од стручна комисија дека мора да се лекуваат во странство, за тоа ќе платат само 200 евра.

„Нема како во минатото да плаќа висока партиципација, туку максимум 200 евра ќе биде партиципацијата, независно дали за лечењето државата треба да плати 5 илјади или 10 илјади евра или 20 или 50 или 100 или 200 или 300 илјади евра. Неговата партиципација не може да биде поголема од 200 евра. Така работи ВМРО-ДПМНЕ и таква е нашата грижа за македонскиот народ и за сите граѓани во него“, рече премиерот Никола Груевски на предизборен митинг во Општина Центар на 21 април минатата година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG