Достапни линкови

Тешко до информациите од јавен карактер


Институциите кои не сакаат да ги соопштат информациите од јавен карактер користат бирократски процедури за одложување на давањето на информацијата, за барателот на крај да „заборави“ што барал на почетокот.

Тешко се доаѓа до информации од институциите, кои се затворени и недостапни за новинарите, а со тоа и за јавноста. Новинарите кои работат на истражувачки стории велат дека најчесто се принудени да го користат Законот за слободен пристап до информации, но и тој не им гарантира дека ќе добијат одговори. Според законот, имателот на информацијата е должен веднаш да одговори на барањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот.

Од моето досегашно искуство сфатив дека оние институции кои не сакаат да ја дадат информацијата, односно оние на кои не им одговара таа информација да биде обелоденета, имаат пронајдено неколку механизми или законски дупки, ако може да ги наречам, како да не го сторат тоа.
Мери Јордановска, новинарка.

Новинарката Мери Јордановска вели дека многу ретко од институциите ја добива информацијата која и е потребна.

„Од моето досегашно искуство сфатив дека оние институции кои не сакаат да ја дадат информацијата, односно оние на кои не им одговара таа информација да биде обелоденета, имаат пронајдено неколку механизми или законски дупки, ако може да ги наречам, како да не го сторат тоа. Информацијата ја класифицираат под степен „интерно“ и така само лица со безбедносен сертификат може да дојдат до неа. Има институции кои за информацијата тврдат дека е личен податок или третиот начин со којшто многу често се соочувам во мојата работа е да одговорат на еден дел од бараната информација, а на вториот поважниот дел не“, вели Јордановска.

Не е проблемот колку во Македонија еден новинар користи еден закон, туку проблемот е колку новинари го користат овој закон. Одговорот е многу малку и поради тоа институциите не само што имаат една лоша навика да ги игнорираат, туку не може да се влијае генерално на транспарентноста и на отчетноста во институциите.
Сашка Цветковска, новинарка.

Новинарката Сашка Цветковска вели дека секогаш и без исклучок кога на пример се поставуваат прашања како трошењето на буџетските средства за Скопје 2014 или роуд шоуата на премиерот или рекламирањето на владата се добива одговор дека информацијата е класифицирана. Според неа, проблемот е и во тоа што многу малку новинари во земјата го користат Законот за слободен пристап до информации.

„Не е проблемот колку во Македонија еден новинар користи еден закон, туку проблемот е колку новинари го користат овој закон. Одговорот е многу малку и поради тоа институциите не само што имаат една лоша навика да ги игнорираат, туку не може да се влијае генерално на транспарентноста и на отчетноста во институциите, што е и целата на овој закон“, вели Цветковска.

Јордановска досега се жалела до Комисијата комисијата за заштита на слободниот пристап до информации од јавен карактер, која, иако си ја врши својата работа, процесот трае долго.

„Кога ќе тргнете веќе да поднесувате жалби, па да ги чекате институциите, најкраткиот рок со кој досега сум се соочила е најмалку два месеци и веќе на крај мислам дека и заборавам која информација на почеток сум ја барала заглавувајќи во тој лавиринт“, вели Јордановска.

И Цветковска вели дека жалбите се беспредметни. Од комисијата велат дека најчесто имаат жалби од невладините, па потоа граѓаните и новинарите, а разрешница обично добиваат кога некој барател воопшто не добил информација од институциите.

Во Скопје инаку, денеска се одржува Работилница на тема „Размена на искуства за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ во организација на Европската комисија и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG