Достапни линкови

Битолскиот водовод сè уште со азбестни цевки


Илустрација.
Илустрација.

Надлежните велат дека постепено ги заменуваат азбестните водоводни цевки и оти Битола е меѓу градовите со најмалку останати вакви цевки во водоводните системи - од над 500 километри мрежа, само 18 километри се азбестни цевки.

Околу 18 километри од битолската водоводна мрежа сè уште е со азбестни цевки. Слична е состојбата и во другите градови низ државата. Европската унија го забрани користењето на азбестот уште пред десет години, зашто се смета дека подолга изложеност на него во различни околности може да предизвика болести.

Лекарите велат дека не е здрав, а од Водовод дека не е штетен. Не знаеме на кого да веруваме.
Анкетиран граѓанин.

Битолчани знаат дека дел од водоводната мрежа е со азбестни цевки, но не знаат дали тоа влијае врз нејзиниот квалитет.

Илустрација.
Илустрација.

„Лекарите велат дека не е здрав, а од Водовод дека не е штетен. Не знаеме на кого да веруваме.“

„Во нашата улица имавме такви цевки, често имаше дефекти. Пукаа, се расипуваа. Сега поставија нови цевки, дали беа штетни старите не знаеме“, велат анкетираните битолчани.

Ако земеме предвид дека Водовод располага со преку 500 километри мрежа, 18 километри од нив се само со азбестни цевки што значи меѓу три и четири проценти. Планираме во иднина постепено да ги замениме.
Горан Стефановски, директор на ЈП „Водовод“ од Битола.

Надлежните од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека азбестот во водоводните цевки не влијае врз квалитетот на водата и не предизвикува здравствена штета. Опасна е само азбестната прашина, па затоа при дефект цевките не ги сечат, туку ги вадат цели и заменуваат, па така не настанува прашина.

„Азбестните цевки од Ц тип до десет бари ни создаваат проблеми, имаме чести дефекти. Ги поправаме, ја заменуваме комплетно цевката со ПВЦ. Го исфрламе азбестот. Не ја сечеме цевката, зашто е штетна прашината што би се создала при сечењето. Инаку врз квалитетот на водата не влијае азбестот“, вели Горан Стефановски, директор на ЈП „Водовод“ од Битола.

Битола е меѓу градовите со најмалку останати азбестни цевки во водоводните системи, а директорот Стефановски вели дека наскоро сите ќе се заменат.

„Ако земеме предвид дека Водовод располага со преку 500 километри мрежа, 18 километри од нив се само со азбестни цевки што значи меѓу три и четири проценти. Планираме во иднина постепено да ги замениме, за некои се направени и проекти“, вели Стефановски.

Во Македонија неколку години се спроведуваа проекти за отстранување на азбестните материјали од покривите, како салонитки. Еколозите и лекарите апелираа дека вдишување на едно азбестно влакно може да предизвика белодробно заболување. Но, досега не е извршено истражување за влијанието на азбестот врз водата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG