Достапни линкови

Бубо Каров - Официјалната политика го губи тлото под нозе


Бубо Каров - Официјалната политика го губи тлото под нозе
please wait

No media source currently available

0:00 0:28:44 0:00

Бубо Каров - Официјалната политика го губи тлото под нозе

Ова што се случува со студентите, луѓето сè повеќе и повеќе се охрабруваат да излезат надвор, да го кажат јавно своето мислење, можеби кај младите пораснала свеста, но на постарите им дошло веќе преку глава, немаат друг избор, вели Љупчо Бубо Каров од популарните К-15 во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Каров, може ли да направите една ретроспектива за односот на општеството кон хуморот, преку растот и развојот на К-15 во овие дваесет години?

Не дека немало хумор во Македонија, хумор од секогаш имало на овие простори, почнувајќи некаде од Итар Пејо, барем по она што ние го знаеме и го учиме. Не знам сега во времето на Александар кој се бавел со хумор и сатира. Може да се рече слободно, иако е малку невообичаено кога тоа човек треба да го каже сам за себе, дека К-15 донесе нов ветар во третирањето на хуморот и сатирата во медиумите. Ние, искрено да ви кажам, не бевме ни свесни колку тоа ќе значи некој напредок или колку тоа ќе биде прифатено од аудиториумот, меѓутоа после 5-6 епизода, веќе се чувствуваше дека е општо прифатено, дека на луѓето им се допаѓа. За нас најголем показател беше концертот што го направивме на стадион, кога се собра 15 илјади публика, ние не верувавме воопшто, пријатели нè убедуваа дека тоа ќе се случи, ние нè верувавме и на крај навистина излезе така, да имаше можност и 30 илјади тогаш да се собере на таа трибина, дека ќе имаше толку, тоа е еден од показателите. Втора работа е што и после 20 години многу од репликите што се употребени во К-15 уште живеат меѓу народот во вообичаената секојдневна комуникација. Тоа е од некоја страна и нормално, затоа што 99 отсто од хуморот произлегува во урбаниот живот. И ако треба во еден збор да кажеме, можам да кажам дека урбаниот хумор како категорија што К-15 го наметна во медиумите, навистина направи нов медиумски бран.

Изминаа веќе две години како К-15 ја нема веќе во медиумите. Постои ли денеска клима повторно да се појави?

Искрено да ви кажам, мислам дека како што сега стојат работите, нема клима. Лично мислам така, ова е мое лично мислење, дури мислам дека ако сега зборувам за, условно речено, поголемите телевизии, мислам дека ако сега отидеме да разговараме со менаџерскиот тим на тие телевизии и да им кажеме еве ви го бесплатно К-15 како производ, мислам дека никој нема да го прифати.

Имавте ли досега некои интересни понуди да се појавите по медиумите?

Па имало разно, разни медиуми. Не сакам да ги коментирам, минатиот пат кога почнав да ги коментирам, гледам дека и луѓето што ги нудеа, а и другите луѓе околу мене не беа одушевени од тоа што ги коментирам, заради нив не би сакал да ги коментирам.

Како се снаоѓате сега, еве после 2 години откако К-15 го нема по медиумите. Може ли да се живее денеска во Македонија од хумор, од хонорар од стендап-комедија?

Искрено да ви кажам не може и од редовна работа. К-15 е една од ретките институции којашто можеше да се самофинансира и која можеше да живее од тој производ од хуморот и од сатирата. Инаку акоземеме гледано наназад хуморот секогаш бил хонорарна работа, значи ако сега во моментов ние се обидеме нешто да работиме, нас ќе не фати новиот закон со тие 35 проценти плус и ако тоа го земеме како плус додадена вредност на основата, ќе излезе дека, бидејќи кај нас работодавците не се научени тие да го плаќаат тоа, обавезно наоѓаат начин како да го сместат тоа во делот кај што треба хонорарецот да си ги плаќа трошоците, така што од тој финансиски аспект мислам дека нема шанса денеска да функционира нешто што произведува хумор и сатира.

Ќе треба 35 проценти повеќе хумор на државна сметка за да може да се платат придонеси.

Не спомнувајте проценти, бидејќи кога ќе ми спомнат проценти веднаш ми текнува на една ситуација кога добив предлог да бидат застапени позицијата и опозицијата со проценти избалансирано, така што ако пишуваш текст, прво ќе си ги напишеш тие 35 отсто што се за тој и тој, па потоа одиш со другите што остануваат.

Мислите ли дека може да ни се случи да донесат закон за дозиран хумор?

Закон за дозиран хумор имало отсекогаш само што не бил донесен. Јас од многу одамна се занимавам со оваа работа, законот за дозиран хумор е уште од времето на социјалистичка Југославија, а претпоставувам дека било и порано. Ние сме имале случаи, само тогаш процентите беа поинаку изразени. Во МТВ кога работевме за плата, кога го правевме НННРВ, кога нè казнуваа, нè казнуваа со 30-35 отсто од плата, значи ете ти го законот, уште тогаш бил во подготовка, ама не сме знаеле.

Пред две години велевте дека никогаш не било полошо, дека никогаш немало толкава доза на страв меѓу луѓето. Што мислите сега од оваа временска дистанца?

Полошо има секогаш, како што има и подобро. Кога работев во МТВ, имавме еден курир кој имаше една генијална изрека и на прашањето како е, секогаш одговараше „подобро жив, отколку мртов“, така што подобро има секогаш и полошо има секогаш. Во моментов она што го имаме сега во споредба со она за што разговаравме изминатите години мислам дека ситуацијата е многу полоша во медиумите, само што сега полека почна да се разоткрива, полека почнаа сите работи да излегуваат на виделина и мислам дека сега актуелната власт полека почнува да ја фаќа паника. Ова што се случува со студентите, луѓето сè повеќе и повеќе се охрабруваат да излезат надвор, да го кажат јавно своето мислење, тоа значи не дека кој знае колку пораснала свеста кај нив, може пораснала кај помладите, но кај постарите им дошло веќе преку глава, немаат друг избор, тоа е една работа, а од друга страна, како што реков, официјалната политика полека, полека чувствува дека го губи тлото под нозе. За нивна среќа тие процеси кај нас многу бавно течат и многу полека се развиваат, меѓутоа мислам дека, барем јас по тоа што ценам, по обидите што ги гледам по некои медиуми каде што невешто се обидуваат да изглумат слобода на медиуми, невешто се обидуваат да изглумат демократија. Јас мислам дека тие живеат во еден филм во којшто основна девиза е: Ај да пројде ова, да го избуткаме со демократијата, па после да си тераме работа како што сме си наумиле.

Опозицијата најавува „бомба“ веќе со месеци. Ќе биде ли петарда или ќе излезе нешто друго?

Со оглед на тоа што ја најавуваат долго време, а не ја појавуваат, има две причини зошто е тоа така. Прво, или бомбата е многу голема, а второ, веројатно се чека погоден момент. Мене ако ме прашате лично, јас мислам дека и најголемата „бомба“ кога би експлодирала сега, не би нарушила ништо во овој, да речам, зачмаен политички амбиент, оти после толку многу време владеење на една гарнитура, почнува да станува неинтересно, доаѓа до зачмаеност, едноставно не се случува ништо ново. Секој ден нè бомбардираат со информации дека се пуштени во употреба 25 метри пат, па после го сликаат од другата страна и ни велат дека тоа се уште 25 метри. Тоа е исто како да отидете да купите врата и продавачот ви вели ова не е обична врата, не е само влезна, оваа врата е и излезна, две функции има. Тоа ни се случува и ние веруваме, тоа е најстрашното. Што сега? Мислам дека сега почнува да се создава незадоволство кај членството на актуелната власт, кај оние на коишто им е многу ветувано, а ништо не е реализирано, кај оние на коишто им беше ветувано дека само да дојдат нови инвестиции ќе видите колку луѓе ќе се вработат, ќе нема семејство каде што ќе нема барем еден вработен. Еве се случи тоа, ама во семејство со четворица ако има еден вработен, а платата му е 100-150 евра џабе е, тие 150 евра не можат 4-5 усти да нахранат во месецот или да им ги задоволат другите потреби. Ние не можеме никако да се научиме да учиме од туѓото искуство. Ние, додека нам не ни се случи нешто, не веруваме дека такво нешто постои.

Хуморот и сатирата треба да бидат коректив во едно здраво општество, но во Македонија тој стана болка за политичарите. Зошто? Немаат ли политичарите смисла за хумор или станува збор за нешто друго?

Можам да речам дека до пред пет-шест години, политичарите што беа актуелни, да речеме оние најекспонираните, познавав 95 отсто од нив и со нив сум имал и контакти, со некои повеќе, со некои помалку, не многу од нив имаа смисла за хумор, меѓутоа имаше луѓе кои немаа смисла за хумор, ама сакаа да создадат амбиент да има хумор, како што има луѓе што не знаат да играат фудбал, ама знаат дека преку спортот може да се афирмира државата и народот да биде задоволен, па инвестираат во тоа.

Што недостасува повторно да заживее телевизискиот хумор во земјава?

Многу недостасува. Оваа генерација луѓе коишто ги водат и ги поседуваат медиумите, зборувам и за сопствениците, мислам дека ќе треба долго време да се опорават од ова што ги снајде. Јас мислам дека во последните 7-8 години сите се најдоа во чудо, затоа што дојдоа луѓе да бидат шефови и уредници и да диктираат уредувачка политика во медиумите, а ни самите не се надевале дека некогаш ќе го прават тоа. Без разлика дали некој им диктира или не, тие тоа го работат овие години и ќе треба долго време да се смени, тие правеле свој тим, тој тим правел свој подтим,значи сите бирале соработници слични на нив или луѓе што ќе одговараат на актуелната уредувачка политика, луѓе што нема да се спротивстават кога ќе им дадеш задача да напишат нешто, иако знаат дека не е така. Ќе треба многу време за опоравување од тоа. Мислам дека штетата е долгорочна и е една од причините поради кои сè повеќе и повеќе сум убеден дека ми е исправна одлуката што повеќе да бегам од медиумите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG