Достапни линкови

Иванов: Потребен е дијалог и вклучување на сите


Во годишното обраќање претседателот Ѓорѓе Иванов се осврна на опозициските пратеници, ЕУ и НАТО, а со тоа и на Атина, потоа на актуелните состојби во образованието, медиумите, судството...

Со жалење што и денеска не присуствуваа дел од пратениците во собраниската сала, претседателот Ѓорѓе Иванов и се обрати на македонската јавност. Истакна дека празните места во Собранието не можат да ја претставуваат волјата на граѓаните.

Со внимание ја следам широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование. Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот.
Ѓорѓе Иванов, претседател на Македонија.

„Сакам да напоменам дека како претседател, пред 7 месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и господинот Заев и господинот Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие се уште не се одзваа на поканата, која е се уште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување, рече Иванов.

Иднината на Македонија е во НАТО и во Европската унија, подвлече Иванов. Официјална Атина може да го забави, но не и да го спречи нашето поврзување со Европа. Може да ни го забави патот кон Брисел, но не може да не спречи да ги имаме европските вредности, стандарди и критериуми. Клучот за сето тоа е образованието, рече Иванов кој се осврна и на актуелните состојби во образованието.

Неговото обраќање во присуство на монопартиска аудиенција во собранието на Република Македонија говори исто така гласно, околу оправданото делување наше за време на претседателските избори.
Артан Груби, ДУИ.

„Со внимание ја следам широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование. Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот... Заеднички и низ дијалог да го најдеме најдоброто решение. Студирањето е и израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува“, рече Иванов.

Од нас самите зависи на што ќе се посветиме наредниве пет години. Дали ќе ги чекаме преговорите за членство во Унијата, па дури тогаш да започнеме да ги исполнуваме критериумите, или ќе ги вложиме сите напори за да ги исполниме критериумите за членство во Унијата, дури и пред да започнеме со преговорите. Да имаме највисоки стандарди во јавната администрација, правосудството, медиумите. Дали пет години ќе го губиме времето или, пак, ќе бидеме подготвени уште веднаш по тој период да станеме членка на Унијата, истакна претседателот.

Станува збор за еден стабилен политичар, одмерен човек, со принципе, којшто влева сигурност дека функцијата Претседател на Република Македонија е во сигурни раце.
Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ - Ставот за Иванов е конзистентен

Годишното обраќање на претседателот не го следеа пратениците на СДСМ, но и на владејачката Демократска Унија за интерграција. Артан Груби од ДУИ изјави дека ставот на неговата партија кон Иванов е конзистентен.

„Неговото обраќање во присуство на монопартиска аудиенција во собранието на Република Македонија говори исто така гласно, околу оправданото делување наше за време на претседателските избори.“

ВМРО-ДПМНЕ со комплименти со Иванов

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека односот на непочитување кон институцијата претседател од страна на ДУИ е некоректен, а најдобрата реплика ја има како што рече во македонските граѓани кои му ја дале довербата на Иванов да ја извршува таа функција. Милошоски не штедеше комплименти кон шефот на државата.

„Станува збор за еден стабилен политичар, одмерен човек, со принципе, којшто влева сигурност дека функцијата Претседател на Република Македонија е во сигурни раце.“

Како избалансиран, добронамерен, но на моменти и критичен говор на државник со визија беше оценето обраќањето на Иванов од страна на Демократсиот Сојуз, Демократската обнова на Македонија и Социјалистичката партија.

СДСМ - Иванов потврди дека Македонија нема претседател на државата

Од опозицискиот СДСМ, преку писмена реакција му се обраќаат на Иванов, со зборовите „Добро утро Ѓорге Иванов!“. Во реакцијата се наведува дека Иванов денеска се осмели да предава за демократија и дијалог во 2015 година.

„Политичкиот дијалог не значел слабост, туку бил израз на политичка зрелост?! Да ја имаше Иванов храброста за којашто зборува, да му ја одржи таа лекција на менторот Никола Груевски, ќе ги видеше вистинските причини за ќорсокакот во којшто ја заглавија 9 година Република Македонија. Но на Ѓорге Иванов му е полесно да каже дека треба “смирено да ги прифатиме нештата што не зависат од нас“, стои во реакцијата. Во која понатаму СДСМ заклучуваат дека „Ѓорге Иванов денеска само потврди дека Македонија нема претседател на државата.“

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG