Достапни линкови

Повик за гонење на виновните за тајните испитувања на ЦИА


Во извештајот објавен од Сенатот се наведува дека техниките на ЦИА за испрашување осомничени терористи биле многу полоши од она што се верувало.

Високиот претставник на ОН за човекови права и организациите за човекови права повикaa на прогон на американски официјални лица вклучени во она што во вчера објавениот извештај на Сенатот се нарекува брутално испрашување на осомничени терористи од страна на ЦИА.

Во извештајот се наведува дека техниките за испрашување биле многу полоши од она што се верувало. Исто така се додава дека овие техники не биле ефикасни во обезбедувањето точни информации.

Според специјалниот известувач на Обединетите нации за човекови права и контратероризам Бен Емерсон, официјалните претставници од администрацијата на претседателот Џорџ Буш кои ги испланирале испрашувањата мора да бидат судени.

Американската унија за граѓански слободи побара да се наименува специјален обвинител за да изврши истрага кој дозволил, извел и ја криел програмата за тортура на осомничени за тероризам.

Судење, според него, треба да има и против претставници на ЦИА и американската влада кои биле одговорни за тортурите.

Американската унија за граѓански слободи побара да се наименува специјален обвинител за да изврши истрага кој дозволил, извел и ја криел програмата за тортура на осомничени за тероризам.

Извештајот на ресорниот сенатски комитет за кој беа потребни неколку години детално графички ја претставува историјата на програмата на ЦИА за трансфер, задржување и испрашување на осомничени лица што по терористичките напади врз САД на 11-ти септември 2001-ва година ја одобри претседателот Џорџ Буш.

Некои техники за добивање информации од притворените биле над дозволените од Белата куќа, ЦИА и од министерството за правда.

Според наводите, тајни места каде што биле испитувани осомничените имало во Полска, Романија, Тајланд и Авганистан, како и во американската воена база на Куба.

Активистите за човекови права и некои американски политичари сметаат дека некои од техниките, како недозволување на притворените да спијат и по неколку денови и нивно давење со вода, употребени од агентите на ЦИА биле тортура.

Од ЦИА велат дека техниката со симулирање на давење со вода била искористена само врз тројца притворени.

Некои од овие техники потоа беа забранети од Џорџ Буш, но целата програма беше стопирана од Барак Обама веднаш откако во 2009 година беше инаугуриран за претседател. Според Обама, употребата на овие техники им наштетиле на американските вредности.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG