Достапни линкови

Тодор Александров - Македонски Исус и Робин Худ или борец за Бугарија?


Деновиве во Битола беше основано здружение кое го носи името на Тодор Александров. За нив тој е македонскиот Исус, додека други историчари реагираат дека рехабилитацијата на Тодор Александров значи оцрнување на Ѓорче Петров.

Исус на Балканот, вака беше наречен Тодор Александров, водачот на автономистичката ВМРО, при основањето на македонското патриотско здружение кое го носи неговото име, деновиве во Битола. На основачката средба присуствуваа над стотина поддржувачи на неговото дело. Александров, кој во минатото важеше за бугарски агент и нарачател на антентати на македонски дејци, на средбата беше прикажан како еден од најголемите македонски револуционери. Еве како го најави водителката:

Странските новинари во нивните интервјуа го нарекуваа генијален водач, најголем воин на Балканот, фанатичен патриот, последниот Мохиканец на Балканот, Робин Худ на Балканот, Исус на Балканот.
Водителка на церемонијата на основањето на здружението Тодор Александров.

„Тодор Александров странските дописници го нарекувале душа на организацијата. Странските новинари во нивните интервјуа го нарекуваа генијален водач, најголем воин на Балканот, фанатичен патриот, последниот Мохиканец на Балканот, Робин Худ на Балканот, Исус на Балканот“, рече водителката.

На основачкиот собир беше интонирана химната „Изгреј зора на слободата“, за која беше речено дека била пуштена и на Првото заседание на АСНОМ, а се смета дека Александров нарачал да биде направена во дваесеттите години од минатиот век. Од здружението велат дека ќе имаат за цел да го расветлат неговото дело кое во комунизмот намерно било анатемисано.

Се знае дека ако се рехабилитира Тодор Александров треба да го оцрните Ѓорче Петров зашто Александров е нарачател на убиството на Ѓорче Петров.
Александар Литовски, историчар.

„Ако добро ја прочитаме страта комунистичка историографија на Југославија, односно во СР Македонија, и бугарската комунистичка историографија, има паралелно дејствување да ја анатемисаат целата македонска струја на ВМРО која дејствува меѓу двете светски војни. Целта беше да се оцрни името на ВМРО бидејќи во тој период ја продолжи војната за создавање на независна Македонија. Сите македонски револуционери кои вооружено се бореа против новата окупација по Букурешкиот договор, а македонскиот народ ја водеше во Автономистичката ВМРО на Александров, вооружено дејствување со пушка. Во старата комунистичка историографија беше анатемисано и прикажано во негативна конотација“, изјави историчарот Ѓорги Чекутков.

Формирањето на здружението доаѓа откако повеќе од две години низ Битола се испишуваат пароли дека делата на Александров уште живеат. Но, дел од македонските историчари сметаат дека неговата рехабилитација значи повампирување на врховизмот во Македонија.

„Се оди на линија на рехабилитација на Тодор Александров. А, се знае дека ако се рехабилитира Тодор Александров треба да го оцрните Ѓорче Петров зашто Александров е нарачател на убиството на Ѓорче Петров. Антимакедонци се претставуваат како големи македонисти, а не се, беа борци за Бугарија или за некој друг“, вели историчарот Александар Литовски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG