Достапни линкови

ММФ ќе „ги чешла“ македонските јавни финансии


Економистите, критички настроени кон владините економски политики, се надеваат дека ММФ ќе се обиде подетално да навлезе во состојбата на долгот на Македонија и ќе го утврди неговиот вистински износ.

Тим на Меѓународниот монетарен фонд од денеска до 5 ноември ќе престојува во Македонија, како дел од процесот на Пост-мониторинг програмата, наменета за земји членки кои имаат значителна преостаната обврска кон Фондот по истекот на нивните аранжмани. Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека во овој случај се работи за аранжманот од 2011 година, кога Македонија позајми пари од ММФ, но не го испочитува договореното, поради што беше жестоко критикувана за несоодветното однесување на властите.

Тие исто така добиваат постојани информации за растечкиот долг на Република Македонија, за начинот на управување со јавните финансии за што се свесни дека се одвива на несоодветен начин и тоа е дополнителна причина за подлабоко согледување на моментот во којшто се наоѓа Република Македонија од аспект на јавните финансии и вкупната макроекономска политика.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

„Згора на тоа, тие исто така добиваат постојани информации за растечкиот долг на Република Македонија, за начинот на управување со јавните финансии за што се свесни дека се одвива на несоодветен начин и тоа е дополнителна причина за подлабоко согледување на моментот во којшто се наоѓа Република Македонија од аспект на јавните финансии и вкупната макроекономска политика“, вели Гошев.

Потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, вели дека мисијата е дел од редовниот мониторинг на ММФ со цел да се направи длабинска анализа колку државата правилно ги користи средствата и колку се движи во правец на договореното.

Државата треба да почне да го консолидира својот надворешен долг и тоа се прави на среден рок за да нема големо стискање, контракција на економијата. Проблемот на Македонија е тоа што таа тоа го зема како обврска, им го ветува на ММФ, лани, преклани уште го кажа тоа, дека од 2014, 2015 година ќе почне дефинитивно да го консолидира јавниот долг, а тоа де факто не го прави.
Ванчо Узунов, СДСМ.

„Тие фактички постапуваат на почетокот, јас тоа условно би го нарекол меко, значи не велат веднаш ситуацијата не чини, меѓутоа даваат предупредувања дека државата треба да почне да го консолидира својот надворешен долг и тоа се прави на среден рок за да нема големо стискање, контракција на економијата. Проблемот на Македонија е тоа што таа тоа го зема како обврска, им го ветува на ММФ, лани, преклани уште го кажа тоа, дека од 2014, 2015 година ќе почне дефинитивно да го консолидира јавниот долг, а тоа де факто не го прави“, вели Узунов.

Гошев се надева дека ММФ со оваа мисија ќе се обиде подетално да навлезе во состојбата на долгот на Македонија и ќе направи чекор понатаму да го утврди неговиот вистински износ. Доколку тоа не успеат да го направат, според него, ММФ нема да има соодветна проценка за ризиците на земјата. Владата продолжува да игра криенка со јавниот долг, а и да ги фалсификува податоците со измените на законот, вели тој.

„Ситуацијата е дефинитивно поризична од бројките коишто владата ги емитува во јавноста и се обидува да го минимизира, да го намали тој ризик којшто го произведува со својата неодговорна политика, со неодмерено задолжување и особено со лошо пласирање на долгот од којшто имаат фајде одредени кругови во Република Македонија, но нема фајде македонскиот народ“, вели Гошев.

Ова ќе биде втора проверка од страна на ММФ по онаа во мај, по што ќе биде изготвен извештај од нивните очекувања за македонската економија. Министерството за финансии од 2009 година престана да ги објавува податоците за јавниот долг. Во последната оценка на ММФ беше посочено дека вкупниот јавен долг на Македонија изнесува 44,8 отсто од БДП.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG