Направивме претстава која што се занимава со идеалите, не само во времето во кое живееме, времето што било, времето што е и времето што ќе биде.
Целата претстава е конципирана околу идејата што стана со идеалите. Што стана со таа голема максима „Секс, дрога и рокенрол“? Каде отидоа луѓето, кој си ги исече косите, дали си ги исекоа и идеалите заедно со нив?Ристе Алексовски, режисер.
Вака режисерот Ристе Алексовски ќе го започне своето кажување за „Секс, дрога и рокенрол“, монодрамата што, по текст на ерменско-американскиот актер и драмски писател Ерик Богосјан, заедно со Сашо Тасевски ја поставуваат на сцената на Драмски театар во Скопје.
„Целата претстава е конципирана околу идејата што стана со идеалите. Што стана со таа голема максима „Секс, дрога и рокенрол“? Каде отидоа луѓето, кој си ги исече косите, дали си ги исекоа и идеалите заедно со нив? Ќе се обидеме да се занимаваме, не со распадот на идеалите, не точно зошто, туку како се случи целиот тој процес и конечно зошто сè повеќе и повеќе тонеме во сопствениот комфор, оставени да чекаме на доаѓањето на нештото, иако ниту знаеме што чекаме, ниту дали тоа ќе дојде“, вели Алексовски.
Мислам дека тоа е многу подобро читање на текстот. Дека она што ние го направивме е многу покомплексно, многу поинтересно и многу позабавно. Отвора многу повеќе прашања отколку она што го видов да го прави Ерик Богосјан во својата претстава.Сашо Тасевски, актер.
Режисерот појаснува дека иако текстот го играат розово, нималку „розово не ги гледаат работите“. Вели дека „Секс, дрога и рокенрол“ го следи патот на една рок ѕвезда која успева да ја достигне ултимативната слава по која следува неговото лично паѓање, распадот на неговиот живот и неговите идеали. Тој истакнува дека всушност низ дејството ќе ги видиме причините, ситуациите и одлуките кои доведуваат до тоа.
„Ќе го проследиме тоа низ седум различни става, седум трагикомични – апсурдни ситуации и се надеваме дека на крај на претставата ќе одговориме зошто и за што се случуваат работите“, вели тој.
По „Човекот од соба 7“, работена според мотиви на Достоевски, Борхес и Сјоран од 2011 година, ова е втор ваков заеднички проект на Алексовски и Сашо Тасевски и втора монодрама воопшто за овој актер.
Појаснува дека текстот го превел директно од англиски јазик и дека заедно со режисерот направиле едно заокружено дело во кое тој цел еден час и 20 минути е присутен на сцената. Вели дека Богосјан ја има напишано драмата како седум различни сцени што ги играат исто толку ликови и истакнува дека тие малку ги смениле работите, поврзувајќи ги сцените и правејќи настаните да му се случуваат на еден човек.
„Мислам дека тоа е многу подобро читање на текстот. Дека она што ние го направивме е многу покомплексно, многу поинтересно и многу позабавно. Отвора многу повеќе прашања отколку она што го видов да го прави Ерик Богосјан во својата претстава што ми е, на некој начин, како на глумец од една мала земја, многу подраго кога ќе видам дека она што сум го сторил на многу места го надминува она што го прави овој холивудски глумец“, ќе рече Тасевски.
Актерот е убеден дека заедно со Алексовски потпишуваат проект кој ќе биде препознатлив за Драмски театар и дека оваа наша национална установа со „Секс, дрога и рокенрол“ добива хит-претстава која долго ќе живее, не само на матичната сцена, туку дека ќе биде вистински мамец за публиката каде и да биде прикажувана.