Турција би требало да ги послуша повиците од меѓународната заедница за да им се помогне на Курдите во Кобани, кој веќе четири недели е под опасада на милитаните на Исламската држава.
Сите ние имаме морална одговорност да им помогнеме на луѓето во опколениот Кобани кои храбро се борат против терористите.Фалах Мустафа, шеф на дипломатијата на ирачката курдска автономна област.
„Сите ние имаме морална одговорност да им помогнеме на луѓето во опколениот Кобани кои храбро се борат против терористите“, изјави шефот на дипломатијата на ирачката курдска автономна област Фалах Мустафа во интервју за Радио Слободна Европа.
„Не бараме невозможно. Бараме отворање коридор за оние што се подготвени да им се приклучат, бидејќи им треба оружје, им треба муниција им треба медицинска помош и храна“, рече Мустафа.
Треба да бидеме реални. Единствени сили на теренот кои се докажале како сигурен партнер на меѓународната коалиција се Курдите во Сирија и Ирак. Подготвени сме да презмеме се што можеме за да му помогнеме на Кобани.Фалах Мустафа, шеф на дипломатијата на ирачката курдска автономна област.
Официјална Анкара на 10 октомври го отфрли барањето на специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стафан де Мистура, да ја отвори границата за доброволци.
Според де Мистура, курдските жители на Кобани се соочуваат со масакр доколку градот падне во рацете на милитантите.
Според шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, испраќањето цивили во војна е злолсторство.
Тој изрази страхување дека оружјето што ќе им биде дадено на сириските бунтовници би можело да заврши во рацете на курдските сепаратисти во Турција.
Турција се соочи со бран протести со барања да им се дозволи на курдските доброволци да заминат за Сирија.
Мустафа смета дека е погрешно тоа што Турција своите домашни проблеми ги става пред заканата која доаѓа од милитантите на Исламската држава.
„Треба да бидеме реални. Единствени сили на теренот кои се докажале како сигурен партнер на меѓународната коалиција се Курдите во Сирија и Ирак. Подготвени сме да презмеме се што можеме за да му помогнеме на Кобани“, наведува Фалах Мустафа.
Притоа, тој потсетува и на тоа дека Курдите имаат отворен фронт со милитантите на Исламската држава кој е долг над илјада километри.
„Ние се бориме со нив од јуни годинава кога тие дојдоа и освоија една третина од територијата на Ирак. Од август ние скоро секојдневно се бориме против нив“, вели Фалах Мустафа во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Анкара како членка на меѓународната коалиција против милитантите на Исламската држава соопшти дека нема да биде дел од копнена акција, но дозволи нејзините бази да бидат користени како тренинг центри за сириските бунтовници и за изведување воздушни напади.
Во меѓувреме, милитаните на Исламската држава освоиле воена база во ирачката западна провинција Анбар и се зацврстувале околу сирискиот град Кобани на границата со Турција.
Ирачките власти соопштија дека џихадистите, откако ги заплениле возилата и тенковите, ја запалиле базата која претходно ја напуштиле ирачките војници.
До освојувањето на базата дојде и покрај американските воздушни напади. Според аналитичарите, освојувањето на Анбар ќе им овозможи на милитантите да почнат офанзива за Багдад.