Изградбата на Панорамското тркало во Скопје ќе трае пет години, а ќе започне најверојатно на крајот на месецот, како што најавија од ЈСП, кои се задолжени за реализација на проектот, кој ќе чини над 18 милиони евра. Еден милион евра за неговата изградба се веќе обезбедени од Агенцијата за електронски комуникации. Останатите пари ќе се собираат од донации. Панорамското тркало ќе биде поставено на нов мост на Вардар, кој ќе се изгради меѓу Камениот Мост и мостот „Гоце Делчев“.
Не треба да се постави, зашто народот е сиромав. До Панорамско тркало ли дошло, тоа чини пари. Тоа е исто како дома да немам шпорет, а купувам кола.Анкетиран граѓанин.
Поголемиот дел од граѓаните кои ги анкетиравме за рубриката Хајд Парк велат дека Панорамското тркало не му е потребно на Скопје.
„Не, затоа што е пренатрупано.“
„Не треба да се постави, зашто народот е сиромав. До Панорамско тркало ли дошло, тоа чини пари. Тоа е исто како дома да немам шпорет, а купувам кола.“
„Има многу поприоритетни работи од Панорамско тркало и во Скопје и во Македонија.“
„Можеби би требало за убавината на градот, за туристи кога ќе дојдат да погледнат“, велат анкетираните граѓани.
Дали на Скопје му е потребно Панормаско тркало? Погледнете ја анкетата и коментирајте овде?
Според граѓаните, парите наменети за Панорамското тркало треба да се трошат на поинакви проекти наменети за развој на градот.
Во 21 век имаме шуга и жолтица, а шуга и жолтица излегуваат од сиромаштија.Анкетиран граѓанин.
„Јас сум поборник да се искористат за инфраструктура, конкретно во Скопје.“
„На овој народ му треба леб, му треба работа. Половина држава избега надвор, младите избегаа, ќе останат само старци и која држава ќе ја имаме? Со старци држава ќе имаме? Не може. Се знае, за вработување, за лекови, сите луѓе болни станаа. Во 21 век имаме шуга и жолтица, а шуга и жолтица излегуваат од сиромаштија.“
„Канализацијата е слаба, се поплавуваме и ред други работи, болниците ни се ужас.“
„Може да се инвестира малку во култура, да се инвестира повеќе во младите.“
„Има еден куп конструктивни работи во градот што може да се направат, на пример патека за точаци, за мене тоа е најдобра инвестиција што градот може да ја направи за граѓаните“, велат анкетираните.
На Панорамското тркало кое ќе биде високо 73 метри и ќе има 30 кабини е во план да се наоѓаат и кафетерија, ресторан и продавница за сувенири.