Достапни линкови

ЕУ ја финализира рамката за Македонија


Средба на министерот Фатмир Бесими со делегација на Европската комисија.
Средба на министерот Фатмир Бесими со делегација на Европската комисија.

Делегацијата на ЕК ја заврши посетата на земјата. На средбите со државниот врв се дискутирало за клучните приоритети на Македонија во процесот на европска интеграција.

Делегацијата на Европската Комисија предводена од првиот човек во Директоратот за проширување на Европската комисија задолжен за Македонија, Дејвид Кулен, денеска заминува од Скопје. Како што информираат од канцеларијата на Европската Унија во Скопје, на редовната и однапред планирана посета во земјава, делегацијата остварила средби со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Европските претставници се интересирале за проектите кои се финансирани од европските фондови и нивната реализација, а со цел да се финализира рамката од годинашниот извештај за напредокот на Македонија.

За време на средбата се дискутирало за клучните приоритети на Македонија во процесот на европска интеграција.

И од министерството за надворешни работи информираат дека нивната посета била во функција на подобро запознавање со напорите кои ги вложуваат македонските институции во правец на евроинтеграциите. И од секретаријатот за европски прашања соопштуваат дека за време на средбата се дискутирало за клучните приоритети на Македонија во процесот на европска интеграција, а посебен осврт бил даден за последните постигнувања во областите на добрососедските односи, слободата на изразување во медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација и политичкиот дијалог.

Во врска со политичкиот дијалог, аналитичарите не гледаат можности за негово подобрување, пред се поради како што велат немањето на политичка волја за решавање на проблемот пред извештајот за напредокот на земјата.

Значи може да тргне од чисто формални критериуми на едноставно воспоставување на стабилност на земјата и нормално функционирање на институциите, без да навлегува во оценка на демократичноста на процесот на владеење.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Во ваков краток временски период е можно да се подобри ситуацијата со одреден проблем кој го имала Македонија, но во овој момент кризата е предлабока и нема политичка волја за сето тоа да се повтори и во оваа година“, вели професорот Здравко Савевски

Што се однесува до оценката за политичкиот дијалог во извештајот Савевски вели дека најверојатно комисијата ќе се огради од давање политички оценки, што пак би значело дека најверојатно нема да го оценува демократскиот развој во општеството, туку капацитетот на Владата да ја одржи стабилноста.

„Значи може да тргне од чисто формални критериуми на едноставно воспоставување на стабилност на земјата и нормално функционирање на институциите, без да навлегува во оценка на демократичноста на процесот на владеење.“

До посетата на делегацијата на Европската Комисија на Скопје доаѓа неполн месец пред објавувањето на новиот извештај за напредокот на земјава најавен за осми октомври.

Од 2009 година па досега, Европската Комисија даде пет позитивни препораки во извештаите, за Македонија да почне да преговара за членство со Европската Унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG