Достапни линкови

На лустраторите им се отвораат и српските архиви на УДБА и на КОС


Лустраторите сметаат дека спогодбата за размена на класифицирани информации со Србија, со која ќе им станат достапни архивите на УДБА и на КОС, е добра можност за целосно спроведување на процесот.

Комисијата за верификација на фактите смета дека спогодбата за размена на класифицирани информации со Србија, со која архивите на УДБА и на КОС ќе им бидат достапни на македонските лустратори е добра можност за целосно спроведување на процесот. Двете земји го склучија договорот уште во февруари, а она што се чека е неговата ратификација во парламентот. Првиот човек на комисијата за лустрација Томе Аџиев очекува ваквата можност да им отвори доста работа на лустраторите.

Доколку во таа спогодба бидат опфатени и овие досиеја од тајните служби и бидат достапни до Комисијата, се надеваме дека ќе има и за нас таква работа, ние ќе ги разгледаме и тие досиеја и доколку утврдиме соработка на одредени личности, ќе ги објавиме.
Томе Аџиев, Комисија за верификација на фактите.

„Доколку во таа спогодба бидат опфатени и овие досиеја од тајните служби и бидат достапни до Комисијата, се надеваме дека ќе има и за нас таква работа, ние ќе ги разгледаме и тие досиеја и доколку утврдиме соработка на одредени личности, ќе ги објавиме“, изјави Аџиев во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Томе Аџиев.
Томе Аџиев.

Упатените велат дека она што е значајно од соработката со Србија се податоците од архивите на военото разузнавање, оти Македонија има такви податоци само од осамостојувањето наваму, а тие податоци до деведесеттите биле водени од Белград. Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека Македонија во неколку наврати го отворала прашањето за архивите во Белград, но дека не постоела правна основа Србија да и ги отстапи документите во кои има заштитени информации.

Ова ќе претставува драгоцена помош и една мошне значајна правно-политичка релевантна околност за да може Комисијата мошне одговорно, совесно и принципиелно да ја води постапката.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

„Ова ќе претставува драгоцена помош и една мошне значајна правно-политичка релевантна околност за да може Комисијата мошне одговорно, совесно и принципиелно да ја води постапката“, вели тој.

Врз основа на спогодбата и законите од оваа област ќе можат да се направат достапни сите извори и информации околу лицата кои биле соработници на тајните служби, вели професор Кадриу. Останува да се види дали ваквата соработка ќе ги намали сомнежите околу веродостојноста на досиејата и предметите кои веќе се завршени, вели тој.

„Дали тие сега ќе бидат во изворна форма, дали ќе биде копија, тоа е најчувствително прашање, но како и да е, Комисијата е таа што е одговорна во таквите случаи по пат на вештачење, по пат на конкретна експертиза да утврди дали тие податоци содржани во нив се точни или се монтирани и се вметнати неодговорно и паушално“, изјави Кадриу.

По ратификувањето на спогодбата, Комисијата за верификација на фактите ќе може да почне процедура за да добие некои од досиејата што југословенските тајни служби ги водеа за Македонци, а кои останаа во Белград. На овој начин ќе бидат достапни и чувствителните информации за македонските државјани кои биле соработници на овие служби. Веќе до крајот на годината може да се очекуваат и првите лустрации врз основа на овие архиви. Засега не може да се претпостави за колкав број на досиеја станува збор и во каква состојба се дваесеттина години по распадот на поранешна Југославија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG