Достапни линкови

Струшката опозиција скептична за тамошната индустриска зона


Деновиве почна изградбата за нова технолошко-индустриска зона во Струга. Тамошната опозиција е скептична дека зоната воопшто ќе профункционира.

Технолошко-индустриската зона меѓу Охрид и Струга која беше промовирана пред неколку дена, власта ја ветува уште од 2006 година, велат од СДСМ. Даме Ложанкоски, претседател на струшкиот огранок на СДСМ, рече дека перспективите за Струга се многу лоши бидејќи сè повеќе млади го напуштаат градот.

Во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе има ваква зона во Струга, но за жал тоа не беше остварено. Скептик сум дека на тоа место кое е обраснато со трње и е неуредено земјиште тие ќе направат таква зона.
Даме Ложанкоски, претседател на струшкиот огранок на СДСМ.

„Во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе има ваква зона во Струга, но за жал тоа не беше остварено. Скептик сум дека на тоа место кое е обраснато со трње и е неуредено земјиште тие ќе направат таква зона. Знаеме дека од ден на ден граѓаните на Струга си бараат чаре. Младите се иселуваат и бараат перспектива во Западна Европа, а перспективите за Струга се минимални за тие да останат и живеат тука“, рече Ложанкоски.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, зоната економски ќе го заживеела регионот. Иако предвидениот простор за неа не е среден, властите најавуваат дека зоната за една година ќе се уреди. Премиерот Никола Груевски рече дека напоредно со тоа германската компанија ОДВ електрик ќе почне изградба на фабрика во оваа зона.

Првиот инвеститор во зоната е познат. Тоа е ОДВ електрик кој тука ќе ја изгради фабриката и ќе вработи 1000 луѓе.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

„Најпрво ќе се реализира сообраќајно поврзување, ќе се изгради внатрешна патна мрежа, целосна водоводна, канализациска, електроенергетска и телекомуникациска приклученост и сè што е потребно за нормално функционирање на фабриките. Да се оспособи и да ги пречека новите инвеститори со полн капацитет. Првиот инвеститор во зоната е познат. Тоа е ОДВ електрик кој тука ќе ја изгради фабриката и ќе вработи 1000 луѓе“, рече Груевски.

Виктор Мизо, директор на Технолошко-индустриско развојните зони изјави дека зоната е составена од 10 градежни парцели организирани во два блока.

„Сообраќајното поврзување на зоната со основната патна мрежа се предвидува да се изведе со клучка во две нивоа, со што ќе се овозможи едноставно и безбедно вклучување и исклучување на сообраќајните текови од и во магистралниот пат М4 што е Паневропскиот коридор 8“, рече Мизо.

Ардијан Демири, претседател на НДП во Струга, вели дека еден од основните проблеми во Струга е невработеноста и оти е добро оваа зона да стане реалност.

„Кога ќе прошетате околу тој регион таму нема да забележите ништо што би наликувало на индустриска зона и нешто што ветува некакви идни инвестиции. Лично морам да изразам песимизам во однос на заживувањето на таа економска зона, така како што е сега. Стопанството во Струга во моментот е на работ на опстојувањето, бидејќи давачките се поголеми, тоа е општ впечаток. Со кого и да разговарам велат дека едвај преживуваат и малите и средните стопанства, бидејќи големите ги немаме“, рече Демири.

Струга како град единствено живее три недели во годината кога доаѓаат печалбарите кои ги има во голем број, додека останатите 11 месеци градот и бизнисите преживуваат, додава тој.

XS
SM
MD
LG